12 јуни 1942, Ана Франк за роденден го добила дневникот
За својот 13-ти роденден Ана Франк ја добила книгата која подоцна ќе доживее светска слава како „Дневникот на Ана Франк“ во која девојчето ги опишува случувањата на нејзиното семејство за време на нацистичката окупација.
Родена како Анелис Мари Франк на 12 јуни 1929 година во еврејска фамилија во Франкфурт, Ана најголемиот дел од својот живот го минала во Амстердам, Холандија бегајќи од нацистичките мерки во Германија.
Бидејќи во мај 1940 Холандија паднала под германска окупација, семејството Франк како Евреи биле приморани да се кријат, а во 1941 им било одземено германското државјанство. За својот 13-ти роденден Ана на подарок од родителите добила празна книга која ден претходно сама ја одбрала од книжарница.
Пишувала во дневникот сѐ до апсењето од Гештапо во август 1944. По нејзината смрт во Берген-Белсен концентрациониот логор, дневникот бил најден од нејзиниот татко Ото, единствен преживеан од семејството. Во 1947 дневникот бил издаден на холандски јазик под наслов „Het Achterhuis. Dagboekbrieven 14 Juni 1942 – 1 Augustus 1944“, во 1950 излегол на герамански и француски, а во 1952 на англиски. Денес е преведен на 70 јазици.