12 октомври 1492: Колумбо стигнал до Новиот свет
Откако пловел преку Атлантикот, италијанскиот истражувач Кристофер Колумбо на денешен ден здогледал остров од Бахамите, верувајќи дека тоа е Азија.
Неговата експедиција се истоварила на островот истиот ден и земјата си ја присвоила во името на Исабела и Фернандо од Шпанија, кои го спонзорирале неговиот обид од запад да најде пат до Кина и Индија. Островот го нарекол Сан Салвадор, а домородното население Лукајани го викале Гуанахани. До ден денес не се знае точно за кој остров станува збор. Во 1925 година островот Вотлинг бил официјално преименуван во Сан Салвадор бидејќи локалните жители веруваат дека тој остров е оној на кој дошол Колумбо.
За разлика од популарното верување, едуцираните Европејци во ерата на Колумбо верувале дека Земјата е тркалезна. Но, Колумбо, а и многу други, ја потцениле големината на Земјата и пресметале дека Азија се наоѓа отприлика онаму каде што е Северна Америка (не знаеле за постоењето на Пацификот).