19 октомври 202 п.н.е., Сципион го победил Ханибал кај Зама
Со големата победа на африканско тло Римјаните ја завршиле Втората пунска војна и конечно ставиле крај на моќта на Картагина.
Римската војска броела 35 илјади војници од кои 6 илјади биле коњаница, а ги предводел генералот Публиј Корнелиј Сципион, кој токму поради оваа победа го добил прекарот Африкански. На другата страна бил непобедливиот Ханибал Барка со 40-илјадна војска меѓу кои 4 илјади коњаници и 80 борбени слонови.
Сципион долго ја проучувал тактиката на војување на Ханибал, особено по катастрофалниот пораз на Римјаните кај Кана, па во одлучувачката битка кај Зама комплетно ја променил тактиката, што за Ханибал било изненадување кое завршило со негов пораз. Дури 20 илјади Картагинци загинале во битката, а исто толку биле заборени, според Полибиј и Ливиј, додека Апијан пишува за 25 илјади убиени и 8,5 илјади заробени. Римјаните загубиле околу 5 илјади луѓе.
Мировниот договор кој Картагина морала да го потпише ставил крај на нејзиното ривалство со Рим во Медитеранот. Финансиски, Картагина повторно се издигнала, но никогаш повеќе не си ја повратила воената моќ.