Фудбал

20 млади фудбалери патуваат во Анталија за да играат против Азербејџан

21. јануари 2020 - 13:54 | Ф.З.

Македонската репрезентација за играчи до 19 години ќе оди на мини подготовки во Анталија каде ќе одигра и два пријателски натпревари.

Селекторот Шкумбин Арслани повика 20 фудбалери кои на двапати ќе му се спротивстават на истиот противник, на своите врсници од Азербејџан кои исто така се подготвуваат во турскиот ресорт.

На списокот се и четворица нови играчи, сите дијаспорци. Од Шведска доаѓа дефанзивецот Јанкуловски кој е син на поранешниот голман Диме Јанкуловски кој беше и шведски репрезентативец. Левиот бек Тасески е роден во Битола, но кариерата ја гради во Германија. Играчот од средниот ред Черкези е роден во Италија, но игра во швајцарски Базел. Напаѓачот Калкан е роден и израснат во Турција, додека неговите се по потекло од Македонија.

„Очекувам два добри натпревари и покрај тоа што поголем дел од фудбалерите се надвор од натпреварувачки ритам. На списокот имаме четворица нови фудбалери (Јанкуловски, Тасески, Черкези и Калкан), секој од нив ќе добие шанса и само од нив зависи дали ќе ја искористат и дали во иднина ќе конкурираат за место во тимот. Со двата натпревари во Анталија за нас започнуваат подготовките за тоа што годинава нѐ очекува, а тоа е квалификацискиот турнир во Чешка за место во Елитната фаза за пласман на Европското првенство. Се надевам дека добро ќе се претставиме на овие контролни дуели, играчите сериозно ќе ја сфатат задачата со оглед на тоа дека веќе немаме многу простор за експерименти“, изјави селекторот Арслани за веб-страницата на ФФМ.

Голмани:
Кристијан Китановски - Вардар
Иван Николоски - Работнички

Одбрана:
Спасе Терзиев - Академија Пандев
Кристијан Тасески - Аугзбург, Германија
Алтрим Јакупи - Шкендија
Антонио Јанкуловски - Веста Фрелунда, Шведска
Имран Фетаи - Шкендија
Виктор Крстевски - Вардар
Бенјамин Далипи - Хрватски Драговољац, Хрватска

Среден ред:
Лука Станковски - Работнички
Иван Николов - Академија Пандев
Хамза Рамани - Шкупи
Дамјан Трајановски - Вардар
Леонид Игнатов - Вардар
Бехар Фета - Фортуна
Линдит Черкези - Базел, Швајцарија

Напад:
Марио Илиевски - Тиквеш
Азер Омерагиќ - Вардар
Берат Калкан - Касимпаша, Турција
Фитон Адеми - Шкендија

Првиот натпревар се игра на 25 јануари од 15 часот, додека два дена подоцна е вториот натпревар на теренот Каја во Белег.

Коментирај