22 јули 1947, формиран бил ФК Вардар
Со спојување на спортските друштва Македонија и Победа бил формиран денес најпознатиот македонски фудбалски клуб, Вардар.
На денешен ден пред 75 години во просториите на кино „Вардар“ во Скопје бил формиран клубот кој подоцна ќе прерасне во синоним за фудбалот во Македонија. Целта била Скопје да добие моќен спортски колектив кој масовно ќе го промовира и ќе го развива спортот и пред сѐ фудбалот.
На Основачкото собрание на СД Вардар одлучено било клупските бои да бидат сина и бела. Но, веќе на следното Собрание, многу набрзо потоа, одлучено било сепак бојата на друштвото да биде црвено-бела. Околу 17 години бојата на СД Вардар, а со тоа и на ФК Вардар била црвено-бела, а по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година се вовела актуелната боја на клубот - црвено-црна.
Првите официјални натпревари Вардар ги одиграл против Слога од Нови Сад кои биле квалификации за пласман во Првата сојузна лига на Југославија. Со 1:1 на гости и 1:0 во Скопје успеал во сезоната 1947/48 да игра во најсилното друштво.
Денес клубот во своите витрини има 11 титули шампион на Македонија, 5 титули во Купот на Македонија, 2 македонски Суперкупа, 1 Куп Маршал Тито од 1961 година, а еднаш станал и шампион на Југославија во сезоната 1986/87, но потоа титулата му била скандалозно одземена.