













26 декември 1991, се распаднал Советскиот Сојуз
На денешен ден во 1991 година дошло до распаѓање на Сојузот на Советските Социјалистички Републики, или скратено познат како СССР.
Лошите економски показатели и порастот на национализмот секако имале големо значење, но главен фактор кој навистина предизвикал крах на Црвената Империја биле потезите на нејзиното раководство, започнувајќи од средината на 80-тите години и Перестројката на Михаил Горбачов. Во Русија е популарна теоријата на завера според која Горбачов свесно тежнеел да ги уништи социјализмот и СССР. Но, не постојат докази дека тој навистина сакал да ја укине сопствената власт.
Напротив, Перестројката била обид да се реформира советскиот систем кој тогаш веќе покажувал знаци на деградација. Првите реформи на Горбачов (т.н. „забрзување“ на економијата) имале за задача да го ослободат потенцијалот на „модернизираниот социјализам“.
И покрај добрите намери на советскиот лидер, економијата не можела да се „забрза“. Напротив, неефикасната политика на Горбачов довела до забрзан пад на економијата, така што и самата држава станала послаба. Советскиот систем пред Горбачов функционирал лошо и имал доста осцилации, а по реформите престанал и воопшто да функционира. Во очајничката потрага за патиштата за модернизација на економијата, Горбачов започнал радикален процес на демократизација во кој пропаста на советскиот систем и на советската империја била неизбежна. Затоа се појавиле нови актери, а меѓу нив и Борис Јелцин, кој сакал да создаде „независна Русија“. Токму тука бил и „неизбежниот распад на СССР“.
По низа превирања, на 25 декември 1991 година во 19 часот по московско време на Националната телевизија Михаил Горбачов ѝ се обратил на нацијата и објавил дека ја прекинува својата работа како претседател на СССР, по што во Кремљ било спуштено државното знаме на СССР и било кренато државното знаме на Руската Федерација.
Следниот ден, на 26 декември 1991 година, Сојузниот парламент ја изгласал декларацијата во која се констатирало дека СССР како држава и како објект на меѓународното право престанал да постои.
Прва која прогласила независност од СССР била Литванија во март 1990 година, а сите останати прогласиле во 1991 и тоа уште пред распадот. Хронолошки следувале: Грузија, Естонија, Латвија, Украина, Белорусија, Молдавија, Киргистан, Узбекистан, Таџикистан, Ерменија, Азербејџан, Туркменистан, Русија и последен Казахстан на 16 декември.