26 октомври 1863, формирана била првата фудбалска асоцијација - ФА
Англичаните, како лулка на фудбалот, ја имаат првата фудбалска асоцијација во светот формирана уште во далечната 1863 година, наречена едноставно The Football Association.
На денешен ден во таверната Freemasons' на улицата „Great Queen“ во Лондон се одржал состанок на кој присуствувале 11 лондонски клубови кои не само што ја формирале ФА туку и ги напишале првите фудбалски правила. Тоа биле клубовите Барнс, Сивил Срвис, Крусејдрс, Форест оф Лејтонстаун, Ноу Немјс, Кристал Палас, Блекхит, Кенсингтон Скул, Парсевал Хаус, Сарбитон и Блекхит ПС.
Денес постои само клубот Сивил Срвис кој се натпреварува во ниските лиги. Клубот Кристал Палас е друг, различен од оној денешниот.
За најзаслужен за формирањето на ФА се смета капитенот на Барнс, Ебизинер Коб Морли, подоцна и претседател. За прв претседател бил избран Артур Пембер.