














28 март 1939, завршила Шпанската граѓанска војна
Републиканските бранители на Мадрид на денешен ден развеале бело знаме над главниот град ставајќи крај на тригодишната крвава граѓанска војна.
Во 1931 година шпанскиот крал Алфонсо XIII дозволил на избори да се одлучува политичкото уредување на земјата, а граѓаните изгласале укинување на монархијата и воспоставување република. Алфонсо заминал во егзил, на власт дошле либерали од средната класа и умерени социјалисти, а Каталонија и Баскија добиле одредена доза на автономија. Таквиот развој на настаните не им се допаднал на десничарите кои во фашистот Франсиско Франко виделе обединувачки фактор. Во 1936 година Франко покренал воен бунт од Мароко и брзо напредувал освојувајќи ја Јужна Шпанија, јуришајќи кон Каталонија која важела за упориште на републиканците. Хитлер и Мусолини му дале воена помош на Франко, додека Сталин ги помагал републиканците, а на помош им дошле и доброволци од САД, Франција и други земји, меѓу кои и 137 македонски доброволци (Алексо Демниевски-Бауман, Цветко Узуновски, Ганчо Хаџипанзов, Елисие Поповски, Кирил Ќамилов итн.). Најпознати кои се бореле за републиканците биле Џорџ Орвел, Ернест Хемингвеј и Андре Малро. Орвел за војната ја напишал и книгата „Homage to Catalonia“ (Во чест на Каталонија), преведена и на македонски.
Во јануари 1939 година Франко ја освоил Барселона, по што лесно паднала и цела Каталонија. Републиканците се обиделе да преговараат, но Франко одбил. Неговите фашисти на денешен ден триумфално влегле во Мадрид ставајќи крај на војната во која загинале околу милион жители и која означила почеток на црниот период во шпанската историја.