Во кралската палата каде Александар Велики бил крунисан за крал на Македонија во 336 година п.н.е. на 20-годишна возраст, археолозите открија простор кој сега е позитивно идентификуван како полузаедничка бања на тинејџерот Александар. Ископувањата ја открија и палестрата, или борбено-спортска гимназија, каде што тренирал Александар, лоцирана во непосредна близина на неговите простории за капење.
Ова се само две од собите што се пронајдени за време на ископувањата и во минатото и во сегашноста што се случија на спектакуларните урнатини на легендарната палата Ајга во Егејска Македонија, Северна Грција, која може да се најде во близина на селото Вергина (поранешно Кутлеш) во Општина Верија во регионалната единица Централна Македонија. Токму во оваа прекрасна градба младиот човек кој во историјата ќе стане познат како Александар Велики ги поминал своите образовни години и токму тука го презел престолот на кралството кое потоа го проширил до многу пати повеќе од неговата првобитна големина.
Новооткриената бања и остатокот од свежо реставрираната палата за прв пат беа откриени пред јавноста во саботата на 11 мај, на телевизиската документарна серија „Bettany Hughes’ Treasures of the World“, која се дава на Channel 4 во Обединетото Кралство.
„Тоа е најнеобичната глетка, гледањето на Ајга како се ископува и реновира“, изјави Хјуз за Daily Mail, во интервјуто во кое се најавува нејзината телевизиска емисија. „Има огромен одвод во карпата и заедничка бања“.
Овие капацитети за капење адолесцентот Александар ги споделувал со своите пријатели, младите аристократи кои покрај него научиле да се борат и спортуваат, додека се подготвувале за нивните улоги како идни политички и воени водачи на македонското општество.
Меѓу оние кои редовно вежбале и се капеле со Александар бил неговиот најблизок пријател од детството, Хефестион, кој станал втор човек на кралството штом Александар станал крал. Другите млади луѓе во неговата придружба, исто така, го придружуваа за време на неговите долги маршеви и воени потфати, а сите во групата биле напорно обучени да се подготват за овие авантури.
„Постоеле сите овие обреди на премин низ кои поминувале“, објаснува Бетани Хјуз. „Биле неверојатно активни во салата, се тепале и се бореле. Биле обучувани да ловат. Замислете ги тие заеднички бањи...“
Во исто време кога Александар го развивал своето тело и своите борбени вештини, го тренирал и својот ум за лидерство, под менторство на големиот филозоф Аристотел.
Иако може да изгледа како Александар внимателно да се подготвувал да го заземе местото на неговиот татко, кралот на Македонија, Филип II, всушност е многу малку веројатно дека Филип би го избрал Александар за негов наследник доколку било во негова моќ да ја направи таа одлука. Кралот очигледно се надевал дека последната од неговите седум жени, кралицата Клеопатра, ќе роди син кој на крајот ќе биде помазан да ги следи стапките на неговиот татко. Но, тие планови пропаднале кога Филип II бил убиен во 336 п.н.е., оставајќи на македонската аристократија ништо друго освен да го замени со неговиот 20-годишен син од неговата четврта сопруга и кралица Олимпија.
За среќа на Македонците, Александар бил и повеќе од на висина на задачата.
Изградена во срцето на античкото македонско кралство, палатата во градот Ајга била трипати поголема од атинскиот Партенон, со површина од неверојатни 162.000 квадратни стапки (15.000 м²). За време на ископувањата таму, археолозите идентификуваа темели и/или урнатини на храмови, светилишта, театар, двор, неколку кралски гробници, затворени градски ѕидини на Ајга и многу столбови кои некогаш го носеле покривот на палатата.
Токму Филип II ја наредил изградбата на големата палата, иако тој веќе имал голема градба од овој тип во главниот град на Македонија, Пела. Иронично, тој бил убиен од еден од неговите телохранители, Павсаниј, токму во таа палата, додека присуствувал на прославата на претстојната свадба на неговата ќерка.
Нашироко постои сомневање дека имало заговор за соборување на кралот. Главниот осомничен е мајката на Александар, Олимпија, која била сменета како кралица и на чиј сакан син би му бил ускратен престолот доколку Филип II продолжел по свое (Александар бил презиран од неговиот татко, а тие чувства биле возвратени од него). Некои историчари се сомневаат дека Александар бил во заговор за убиство на неговиот татко, но нема докази за потврда на тоа верување.
Откако Филип Втори бил надвор од патот, Александар брзо положил заклетва како крал во палатата во Ајга. Го презеде планот на неговиот татко да ја нападне Персија, но ова било само почеток за Александар Македонски, кој за време на неговото 13-годишно владеење како крал изградил империја што се протегала на илјадници квадратни милји и покривала делови од три континенти, зацврстувајќи ја неговата репутација како еден од најголемите војсководци на сите времиња.
Во изминатите 16 години, палатата во Ајгаи беше подложена на обемно реновирање. Археолозите кои работат на локалитетот обновија 15.000 квадратни стапки (1.400 м²) мермерни подови, колони и мозаични слики и украси, додека продолжуваат да откопуваат нови артефакти и урнатини кои фрлаат светлина на тоа како живееле Александар Македонски и неговите современици.
Резултатите од овие напори беа целосно прикажани за време на телевизиското емитување на „Bettany Hughes’ Treasures of the World“, на задоволство за љубителите на античката македонска историја и архитектура.