Опкружени со лебдечки слатки и во „друштво“ на импровизиран Снешко направен од вреќи, астронаутите на американската вселенска агенција НАСА го прославија католичкиот Божик на Меѓународната вселенска станица.
Сунита Вилијамс, командант на мисијата Expedition 72 и нејзините колеги Бери Вилмор, Дон Петит и Ник Хејг, ја споделија радоста на празникот со сите оние што го слават и тоа од височина од околу 420 километри над Земјата.
„Ова е одлично време од годината. Го поминуваме со семејството на МВС. Ние сме седуммина овде и уживаме заедно“, рече Вилијамс.
На МВС се и руските космонаути Алексеј Овчин, Иван Вагнер и Александр Горбунов.
„Божик е, време е за славење, поминување време со пријателите, семејството и саканите. Оваа година сме во орбита далеку од нив, но не сме единствените во таква ситуација. Огромен тим на Земјата ја поддржува нашата мисија во контролните центри низ планетата и сакам да им кажам благодарам на сите нив, работиме заедно секој ден и за време на празниците“, рече Хејг, кој дома се враќа во март.
Екипите на земја подготвија специјален оброк за екипажот на МВС.
Божик е поврзан со храна и почести, а екипажот има и мала елка и украси украсени со фотографии од нивните семејства.
За време на нивното обраќање, Хејг, Петит и Вилмор носеа капи на Дедо Мраз, додека Вилмор имаше и каубојска капа.
На крајот од обраќањето, астронаутите им го честитаа Божик на сите што слават.