Астрономи открија нова црна дупка во наша непосредна близина и велат дека се наоѓа на оддалеченост дупло помала отколку што тоа беше случај со дупката која досега го држеше рекордот.
Астрофизичарот Карим Ел-Бадри од Центарот за астрофизика во Масачусетс објаснува дека сите црни дупки својот живот го почнуваат како големи ѕвезди со маса која е отприлика 5 до 10 пати поголема од онаа на нашето Сонце. Меѓутоа, како што се приближуваат кон својот крај, во своето јадро ги привлекуваат сите тешки елементи - како силициум или магнезиум. Тоа доведува до производство на железо во нејзината внетрешност и насилно самоуништување.
По експлозијата нејзиното јадро пропаѓа и таа почнува да ја вшмукува целата околна материја. Кога ќе помине одредена граница која се нарекува хоризонт на случувањата, ништо - дури ни светлината - не може да ѝ побегне на гравитациската привлечност на новата црна дупка. За да откријат слични процеси во вселената истражувачите од Институтот „Макс Планк“ за потребите на нивната најнова студија собрале податоци добиени од вселенското летало Gaia кое ги мапирало положбите и движењата на околу 2 милијарди ѕвезди во внатрешноста на Млечниот Пат.
Со анализа на податоците астрономите пронашле една ѕвезда за која се посомневале дека е нестабилна, што најверојатно претставува последица на невидлива црна дупка. За да ги потврдат своите сомнежи, одлучиле да ја набљудуваат со помош на земјините телескопи во Чиле и на Хаваи и да проверат дали во нејзината близина се гледа темна материја опкружена со прстен од нејасна и искривена светлина.
„Нашите опсервации сугерираат дека сме откриле бинарен систем кој содржи нормална ѕвезда и најмалку една успиена црна дупка“, вели Ел-Бадри. Додаде дека системот по име Gaia BH1 е сместен во соѕвездието Змијоносец на оддалеченост од 1.566 светлосни години, интересен и по фактот што неговата црна дупка најверојатно настанала од ѕвезда 20 пати помасивна од нашето Сонце - која не го проголтала својот ѕвезден пратител. Останува во иднина да се утврди како е тоа можно.
Трудот е објавен во списанието Monthly Notices of the Royal Astronomical Society.