Министерството за здравство на Австрија појасни дека лицата кои биле вакцинирани во странство со руска или кинеска вакцина против коронавирус нема да бидат третирани како вакцинирани, односно нема да можат да ги користат услугите на угостителски услуги, хотели, фризери... без негативен тест.
Вакцините кои не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), поточно руската Спутник V и кинеската Sinopharm, нема да можат да бидат вклучени во „зелениот пасош“, што Австрија го воведува како „билет“ за угостителски објекти, базени и хотели.
Сите оние кои биле вакцинирани во странство со тие вакцини, ќе мора да бидат тестирани пред да ги користат „слободите“ што ќе се појават со олеснување на мерките од 19 мај, соопшти Министерството.
Исто така, Министерството не советува лица вакцинирани со руски или кинески вакцини да бидат повторно вакцинирани во Австрија.
Ваквиот „КОВИД пасош“ ќе содржи доказ за вакцинација, негативен тест и/или доказ за прележан COVID-19.
„Само оние вакцини одобрени од ЕМА ќе бидат валидни како доказ за вакцинација, а тоа се вакцините BionTech/Pfizer, Moderna, AstraZeneca и Johnson&Johnson“, соопшти Министерството.
Вакцинираните со Спутник V и Sinopharm нема да можат да ги внесуваат овие вакцини во „зелениот пасош“ и нема да бидат третирани како вакцинирани, односно не ќе можат да уживаат во правата на вакцинирани граѓани.
„Широк спектар на тестирање е исто така достапен за луѓе кои доброволно биле вакцинирани со вакцина што не е одобрена во ЕУ“, изјави министерот за здравство Волфганг Микштајн за АПА.
„Не можеме да препорачаме овие луѓе да се вакцинираат уште еднаш со друга вакцина одобрена од ЕМА. Нема доволно научни податоци за такво нешто", предупреди Микштајн.