Од 2026 година продажбата и извозот на половни автомобили во Европската Унија ќе се одвиваат под построги услови, што би можело да предизвика раст на цените на користените возила, особено во земјите како Македонија кои во голема мера зависат од увоз од ЕУ.
Новата регулатива на Европската Унија за возила на крајот од животниот век (End-of-Life Vehicles – ELV) има за цел да го направи пазарот на автомобили поодржлив и да го поддржи преминот кон кружна економија. Таа предвидува дека при продажба на половен автомобил мора да се докаже дека возилото не се смета за „крај на животен век“. Овој доказ може да се обезбеди на два начина: преку важечки технички преглед или преку проценка од независен експерт за моторни возила.
Без еден од овие документи, од 2026 година граѓаните и дилерите нема да можат да регистрираат, одјават или извезат возило од ЕУ. Новите правила ќе важат за продажба преку дигитални платформи и овластени трговци, додека приватните продажби засега се ослободени од оваа обврска.
Регулативата предвидува и воведување на Дигитална циркуларна дозвола за возила (CVP), преку која ќе се следи потеклото и употребата на материјалите во секое возило. Оваа мерка треба да обезбеди дека вредните суровини, како литиумот, никелот и кобалтот, на крајот од животниот век на автомобилот ќе завршуваат во овластени рециклажни центри. Новите прописи се усогласени со Регулативата на ЕУ за батерии, која од 2027 година воведува задолжителни квоти за рециклирање на критичните суровини.
Според анализите на повеќе европски медиуми, промените би можеле да имаат сериозни последици за пазари како Балканот, каде што најголем дел од половните автомобили доаѓаат од земјите на ЕУ – пред сè од Германија, Италија, Франција, Австрија и Белгија. Бидејќи старите или поевтините возила потешко ќе можат да се извезуваат, дел од нив ќе останат за рециклирање во ЕУ, што ќе ја намали понудата во регионот.
Тоа, според експертите, речиси сигурно ќе доведе до зголемување на цените: помала понуда ќе значи поскапи возила, а дополнителните трошоци за технички прегледи или проценки ќе се пресметаат во финалната цена. Најмногу ќе бидат погодени приватните купувачи и малите увозници од земјите надвор од Унијата.
Баварскиот министер за транспорт, Кристијан Бернрајтер, ја критикуваше новата регулатива како „непотребна и бирократска“, оценувајќи дека таа внесува дополнителни трошоци за граѓаните и институциите без јасна корист, пренесе Пословни дневник.
Македонија, пак, од 1 септември 2025 година започна да применува европски стандарди за типизација и оценка на техничката состојба на возилата. Според Министерството за енергетика, новиот Правилник за возила ќе им овозможи на домашните компании да заштедат околу 1,3 милиони евра годишно, бидејќи потврдите за техничка исправност – кои досега се добиваа преку странски компании – сега ќе ги издаваат овластените застапници и компании во земјава, пренесе ПлусИнфо.
Новите правила ги воведуваат европските стандарди за одобрување на типот на возило (WVTA систем), со што се поедноставува постапката за увоз и идентификација. Потврдите за техничка исправност кај домашните застапници ќе чинат 40 до 50 евра, а постапките во Бирото за метрологија се скратени и поефикасни.
Иако новите европски прописи треба да придонесат за поголема одржливост во автомобилската индустрија, тие најверојатно ќе ја намалат понудата на евтини половни возила од ЕУ кон земјите од Балканот. Последицата – повисоки цени и ограничен избор за купувачите – може да се почувствува уште во првите месеци од 2026 година.