Во текот на изминатите неколку децении Словачка стана една од водечките автомобилски земји во Европа, привлекувајќи странски инвестиции и создавајќи илјадници работни места во автомобилската индустрија.
Во огромна фабрика, опкружена со планини покриени со снег, лифт ги спушта челичните каросерии на автомобили до почетокот на монтажната линија. Тие само се заваруваат, работа што ја извршуваат роботи, од кои има 690 во фабриката. Потоа, на сцената стапува „армија“ работници: луѓе во црвени панталони и бели маици, кои ги трансформираат овие челични школки во готови автомобили.
Од крајот на производствената линија, по едно возило заминува секоја минута, со кратко трепкање на фаровите.
Европската фабрика на јужнокорејскиот производител на автомобили Kia, која се наоѓа во близина на градот Жилина, во Северна Словачка, е инвестиција од 2,5 милијарди евра, според компанијата.
Volkswagen, исто така, произведува автомобили во Словачка, како и Stellantis (порано Peugeot-Citroën, Fiat и Chrysler), Jaguar Land Rover, додека Volvo планира да отвори фабрика за електрични автомобили тука во 2027 година.
Оваа земја со население од 5,4 милиони произведува речиси еден милион автомобили годишно, што значи дека Словачка произведува повеќе автомобили по глава на жител од која било друга земја во светот.
„Автомобилите се моја страст уште од детството. Сега сум дел од тим и сум вклучен во производство на автомобили, тоа е работа од соништата“, вели 48-годишниот Марсел Пукон, работник на производствена линија и еден од 3.700 вработени во фабриката на Kia во Жилина.
Пред да се врати во родната Словачка, Марсел живеел и работел во Северна Ирска и Англија.
На делот од производствената линија каде што се инсталира изолација на вратите, BBC разговараше и со 23-годишната Симона Крнова. Таа студирала бизнис студии пред да почне да работи во фабриката. Ова, вели таа, не е нејзината работа од соништата, но има свои предности.
„Половина од моето семејство работи тука, па сакав да пробам. Ми се допаѓаат луѓето“, вели Симона.
Нејзината плата е 1.300 евра месечно.
„Тоа е добро во споредба со другите компании“, додава таа, истакнувајќи дека заработката ќе се зголемува со текот на времето. Kia вели дека просечната плата во оваа фабрика е 2.400 евра месечно.
Ова е значително повисоко од просечната месечна плата во Словачка, која според официјалните податоци во 2023 година изнесувала 1.403 евра, но сепак е значително под просекот на Европската Унија, кој изнесува 3.417 евра.
Симона вели дека е горда на фактот што Словачка произведува толку многу автомобили. „Ми се допаѓа што ова производство придонесува за развојот на нашето општество“, истакнува таа.
Речиси сите вработени во фабриката на Kia се Словаци. Корејското присуство е сведено на неколку десетици високи менаџери, кои живеат во специјално изградена оградена населба на периферијата на блиското село.
Додека Словачка беше дел од Чехословачката Социјалистичка Република, автомобилите произведени тука, според западните стандарди, беа со слаб квалитет, бучни, неефикасни и бавни.
Сепак, по Кадифената револуција во 1989 година, со која беше ставен крај на комунистичкото владеење, Volkswagen започна да инвестира во чешкиот производител на автомобили Škoda во 1991 година, а до 2000 година стана негов 100-процентен сопственик.
Наскоро и други странски производители на автомобили почнаа да инвестираат во Чешка и Словачка, две земји создадени со распадот на Чехословачка во 1993 година.
Експертот за автомобилска индустрија, Петер Прокоп, вели дека во тоа време трошоците за работна сила во Словачка биле само 20% од оние во Германија.
Прокоп, директор на консултантската компанија Give Management Consulting со седиште во Минхен, вели дека Словачка сè уште има значителна предност во трошоците денес.
„Од една страна, платите се сè уште пониски, би рекол околу 60% од нивоата во Западна Европа. Од друга страна, продуктивноста е висока, што ја прави земјата многу конкурентна“, објаснува тој.
Понатаму по производната линија, машина што инсталира климатизација во автомобилите пушта дела од музиката на Моцарт додека се движи напред, за да ги предупреди работниците да се тргнат од патот. Многу од автомобилите имаат волан од десната страна, во британски стил.
Најголемиот пазар за автомобили произведени во оваа фабрика е Обединетото Кралство, каде што Kia моментално е четвртиот најпродаван бренд, зад Volkswagen, BMW и Ford. По неа следат Шпанија, Италија и Германија.
Извршниот директор на Kia Europe, Марк Хедрих, кој е во заминување, истакнува дека словачката автомобилска индустрија, исто така, има корист од централната позиција на земјата во Европа.
„Словачка е навистина во срцето на Европа и добро поврзана со главните пазари“, вели тој.
Високиот удел на енергија со ниски емисии на јаглерод, од хидроелектрична енергија до нуклеарна енергија, како и зголемената употреба на обновливи извори на енергија, значи дека електричните автомобили произведени во Словачка се подобни за повисоки владини субвенции при купување, како што е грантот за електрични возила на Обединетото Кралство.
Друга голема предност на Словачка е нејзината густа мрежа на добавувачи во автомобилската индустрија, со околу 360 компании кои работат за овој сектор.
„Базата на добавувачи е огромна и тоа е клучно“, нагласува Хедрих.
Kia одби да даде детали за стимулациите што ги доби од словачката влада кога започна со производство во 2006 година, но Хедрих потврдува дека компанијата добила даночно олеснување од 29 милиони евра за да ги прилагоди производствените линии на нови електрични возила, за вкупна инвестиција од 108 милиони евра.
Словачката влада ги нуди овие стимулации бидејќи придобивките за земјата се огромни.
„Благодарение на Kia, имаше значителен пад на невработеноста и силен економски раст во регионот на Жилина. Денес, повеќе од 20.000 луѓе се директно вработени во Kia и компаниите што се поврзани со производството“, вели градоначалникот на Жилина, Петер Фјабан.
Хедрих, исто така, укажува на квалитетот на работната сила во Словачка. Во Техничкото училиште во Жилина, сто ученици учествуваат во „двојната програма“ на Kia, која го комбинира школувањето со работата во фабриката.
На Универзитетот во Жилина, околу 400 дипломирани студенти годишно добиваат работа поврзана со автомобилската индустрија.
Иако Словачка е предводник, другите земји од поранешниот Источен блок, исто така, ги привлекоа западните и азиските производители на автомобили. Чешка е дом на Hyundai, Toyota и Volkswagen, додека Полска е дом на Toyota, Stellantis и Volkswagen.
Audi, Mercedes-Benz и Suzuki имаат фабрики во Унгарија, Ford и Renault во Романија, а Ford работи и во Србија. Сите овие земји се привлечни поради нивните пониски плати, индустриска традиција и образована работна сила.