Toyota Century е како приказна за претседателска лимузина сама за себе. Истото важи и за SUV изведбата.
Сето најдобро што може Toyota да понуди е концентрирано во моделот Century кој веќе со децении им служи на најпрестижните јапонски клиенти. Во понудата е и Century SUV кој буквално понудата ја крева на повисоко ниво.
Во склоп на опремата за зголемување на удобноста на патниците се и страничните стакла со функција на затемнување за патниците позади – технологија која досега најчесто ја гледавме на панорамските кровови, а не на вратите. Подесувањето на проѕирноста на стаклото се протега дури и на малите странични стакла до задните седишта, обезбедувајќи дополнителна приватност.
Toyota меѓу два слоја ламинирано стакло вградила специјална фолија. Технологијата наречена Digital Curtain ја разви токиската компанија AGC специјално за овој луксузен SUV, а станува збор за прва примена на прозорците на автомобилските врати. Со примена на напон на фолијата се контролира ориентацијата на честичките во неа, што овозможува моментално префрлување меѓу три нивоа на проѕирност.
Материјалот вметнат меѓу стаклата е невидлив за окото и блокира до 99% од UV зраците. Патниците позади можат да избираат меѓу три режими: проѕирен, полупроѕирен и целосно непроѕирен. Иако оваа паметна карактеристика беше најавена пред неколку години, дури сега е достапна за нарачка на моделот Century за 2026 година во Јапонија.
Станува збор за систем познат како SPD (suspended particle device), во кој стаклото станува проѕирно штом се примени електрична струја. Кога струјата се исклучи, стаклото останува непроѕирно. AGC го опишува ова како: „Тенка фолија со честички кои се порамнуваат под електричен напон, со што стаклото станува проѕирно.“
Иако електрохроматското стакло не може да се нарече новитет – првпат беше претставено во 2005 година на Ferrari Superamerica – технологијата подоцна се појави и во полуксузните Mercedes-и во текот на 2010-тите како Magic Sky Control. Во меѓувреме се прошири и на масовните возила како Renault Scenic E-Tech и Rafale, како и новиот Nissan Leaf. Сепак, кај Century SUV-от е ограничена само на страничните стакла – панорамскиот кров користи обична стаклена плоча, но има електрична завеса.
Century SUV не е само уште еден луксузен теренец. Секој примерок поминува низ тричасовна инспекција, а завршниот преглед го врши исклучиво еден главен инспектор. Цената? Почетната е околу 27 милиони јени или околу 150.000 евра. Меѓу опциите се и чипкасти навлаки за седиштата, како носталгичен додаток од лимузинската верзија на Century.
Toyota веќе ја заинтригира јавноста со прикази на верзијата Century SUV со лизгачки врати во стилот на моноволумен, како и спортската изведба Gazoo Racing. Претседателот на Toyota, Акио Тојода, лично поседува единствен примерок со ознака GRMN.
Додека претходните генерации на Century беа речиси исклучиво наменети за јапонскиот пазар, SUV-от веќе се продава и во Кина, а во иднина би можел да пристигне и на други пазари.