Најдобрата заштита од невреме е церада, но ако возите и ја немате при рака, побарајте засолниште со настрешница.

Силно невреме со дожд и град знае од време на време да нѐ погоди. Ги става сите сопственици на автомобили во незавидна ситуација - за многу кратко време мора да најдат начин како да го заштитат своето возило на четири тркала од град најдобро што можат. Кое е најдоброто решение за заштита, каде да се скриете додека не помине бурата и каде никогаш не треба да го оставате вашиот автомобил?
Често се случува невремето покрај обилни врнежи од дожд да донесе и град, кој е еден од најголемите непријатели на возилата на четири тркала, особено оние со т.н. панорамски покрив. Експертите објаснија како да се заштити автомобилот од ударот на овие ледени топки, кои можат да достигнат големина на јајце.
Специјалните церади што го покриваат целиот автомобил се можеби најдоброто решение за заштита, бидејќи се направени од подебела ткаенина, што го намалува ударот и со тоа ги минимизира потенцијалните оштетувања на возилото. Овие видови церади може да се најдат во сите специјализирани продавници за автоделови, а често и на бензински пумпи.

Ако немате церада во вашиот автомобил, не е страшно - можете да импровизирате и да го покриете вашето „милениче“ со прекривки за кревет, подни простирки или, во најлош случај, картонски кутии што можете да ги расклопите и да ги користите за да направите „штици“. Сè што ќе смислите во моментот ќе биде подобро отколку само да го оставите вашиот автомобил на милост и немилост на градот, објавува порталот RACV.

Ако возите или немате церада или ќебиња со вас, не заборавајте да најдете место за криење - ова може да биде бензинска пумпа, покриен паркинг, самопослужна автоперална или кој било друг објект што има некаков вид настрешница - ова ќе ја намали веројатноста за оштетување на вашето возило.
Доколку сите бесплатни „засолништа“ од невреме се полни, побарајте ја најблиската јавна гаража - можеби ќе платите 50 или 100 денари за паркирање, но барем ќе го спасите вашиот автомобил од оштетувања од град. Можете исто така да побарате засолниште во гаража во трговски центар, за која исто така обично се плаќа, но по одредено време.
Она што не се препорачува во нестабилни временски услови е запирање или паркирање под дрвја - во случаи на силни налети на ветер или обилни врнежи од дожд, постои ризик големи гранки да паднат врз возилото и да предизвикаат уште поголема материјална штета, па дури и да доведат до сериозни телесни повреди.
