Скапоцените автомобили, кои се дел од возниот парк на полицијата во Дубаи, привлекоа големо внимание, а сега возниот парк доби нов член.

Иако полицијата во Дубаи има голем број суперавтомобили, овој пат станува збор за нешто „порафинирано“. Станува збор за моделот Rolls-Royce Cullinan, модифициран од тјунинг компанијата Mansory. Беше претставен на настан одржан во Светскиот трговски центар во Дубаи, и сè уште не е познато за кои задачи ќе се користи, иако е малку веројатно дека ќе биде за бркање криминалци. Сепак, полицијата соопшти дека ќе „го зајакне полициското присуство на клучните туристички дестинации“, вклучувајќи ја Бурџ Калифа и булеварот „Шеик Мохамед бин Рашид“.

Cullinan е обоен во комбинација од бела и темнозелена боја, исто како и другите возила од флотата на полицијата во Дубаи. Всушност, ова е второто полициско возило во Дубаи што го тјунира Mansory, бидејќи „титулата“ прво му припаѓа на Mercedes-Benz G63.
Целосниот список на модификации не е достапен, но јасно е видлив нов преден браник со карбонски сплитер, како и сет специјални бандажи и продолжени лакови на тркалата.
6,75-литарскиот двотурбо V12 мотор на Cullinan е малку помоќен и сега развива 619 КС.
