Капитенот на Македонија, Енис Барди, поради повреда заработена на последниот натпревар за својот Трабзонспор не е во можност да ѝ се стави на располагање на репрезентација за претстојните пријателски со Хрватска и Чешка.

ФФМ информираше дека Барди сде здобил со истегнување на лигаментите на зглобот на десното рамо, повреда здобиена на мечот од последното коло во турската Суперлиг во кое неговиот Трабзонспор со 4:2 славеше над Анкараѓуџу. Претходно MacedonianFootball објави дека репрезентативецот морал да го напушти теренот во 71. минута поради повреда, која очигледно го спречи да биде дел од подготовките и контролните натпревари што следуваат.
„Енис Барди веќе ја започна рехабилитацијата, но за жал не е во можност да биде дел од тимот на Македонија за натпреварите на 3 јуни во Риека против Хрватска и на 10 јуни против Чешка во Храдец Кралове“, соопшти ФФМ.
Селекторот Благоја Милевски барем до овој момент нема да повикува дополнителен фудбалер како замена за Енис Барди. По социјалните мрежи навивачите веќе дебатираaт за тоа зошто Љупчо Дориев не е на списокот иако игра во одлична форма во тимот на Согдијана во узбекистанската лига. Викендов постигна хет-трик, a 4 кола по ред дава голови. Лигата на Узбекистан почна во март, а по 9 кола Дориев има 8 гола и 1 асистенција и моментално е на делба на првото место на листата на стрелци. Не игра на иста позиција со Барди, но останува прашањето зошто не е во составот за пријателски натпревари.
Денеска македонската репрезентација ќе одработи два тренинга, но некомплетна. Утринава веќе тренираше од 10 часот, а од 18 часот следува вториот на Тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Ново Лисиче. Од утре со пристигнувањето на Ѓоко Зајков, Столе Димитриевски, Александар Трајковски и Јани Атанасов се очекува трининзите да бидат во комплетен состав.