Легендарниот тенисер Борис Бекер во затворот Вандсворт ќе има неколку необични улоги, а за останатите затвореници ќе биде фитнес тренер.

Пред 3 дена Бекер беше осуден на две и пол години затвор бидејќи сокрил имот пред да прогласи банкрот. Веќе почна со издржување на казната. Славниот тенисер, кој трипати го освои Вимблдон, е сместен во познатиот затвор Вандсворт каде и го мина викендот.
Казната може да премине во условна доколку во првата половина од периодот се однесува примерно.
Интересно е што Бекер во затворот ќе има улога на финтес тренер и инструктор во теретана, потврди поранешниот гувернер Џери Петерик во разговор за Sun.
„Теретаните се многу популарни во затворите. Тоа е работа што многумина ја посакуваат, но предупредувам дека полицајците не сакаат да покажат никакви знаци на фаворизирање“, изјави Петерик.
Исто така, Бекер би можел да ги подучува затворениците на падел-тенис, необичен спорт со рекет и топче, прилично популарен во лондонскиот затвор.