Тенис
АВСТРАЛИЈА ОПЕН 2020

Борис Бекер објасни зошто Ѓоковиќ по осми пат ќе победи на Австралија Опен

22. јануари 2020 - 17:24 | Ф.З.

Легендарниот германски тенисер убаво ги анализирал игрите на Новак Ѓоковиќ и затоа понуди совршено објаснување зошто според него тој е фаворит број еден на турнирот.

„Кај Новак веднаш се забележува дека во Австралија тој се чувствува како дома. Едноставно поинаку се однесува. Нормално, постојат и технички причини поради кои тој често делува непобедлив на овој турнир. Огромна заслуга за тоа има тврдата подлога на која се игра Австралија Опен“

Бекер објасни и зошто српскиот ас токму во Мелбурн прикажува најдобри партии и е нерешлива енигма за противниците.

„Тој е неверојатен спортист кој се движи добро во секаква средина, но никаде не го покрива теренот како што тоа го прави тука во Мелбурн. Терените овде се малку погруби отколку на УС Опен и му нудат совршен отпор на стопалата, нормално, повеќе отколку на глина или на трева. Одбивањето на топката од теренот исто така му одговара, па комбинацијата од овие две му оди во прилог“, смета Бекер.

Борис Бекер има двапати триумфирано на Австралија Опен, додека Ѓоковиќ од неговото прво учество во 2005 победи 7 пати, последен пат лани. Србинот е најтрофеен во Австралија бидејќи по 6 триумфи имаат Роџер Федерер и Рој Емерсон.

„Тешко дека некој ќе го сопре по осми пат да го освои својот омилен Грен слем. Најголем ривал гледам во Рафаел Надал“, заврши Германецот.

Коментирај