Девојка од главниот град на Македонија која преку социјалните мрежи собираше средства за операција, ги собра во рекордно време откако хрватскиот фудбалер Марцело Брозовиќ го виде нејзиниот апел.

Facebook станицата на навивачите на Интер од Балканот, Inter Tifosi Balkan, го сподели апелот за помош на скопјанката Стаменка Менче Трповска со цел што е можно повеќе луѓе да го видат и да донираат.
Девојката има проблеми со колкот, или како што вели „се бори со сопствениот колк и пробува на било кој начин да го спаси“. Лани направила операција во Белград, но сега ѝ е потребна нова, која требало да се направи во март, но поради пандемијата била одложена до отворањето на границите. За новата операција ѝ се потребни 3.000 евра и поради тоа се обрати до јавноста за помош.
Само некоја минута од објавата на Inter Tifosi Balkan, Брозовиќ откако го прочитал апелот веднаш донирал 3 илјади евра на наведената сметка. За тоа време и други донирале, па сега собрани се дури и повеќе.
Во Македонија живеат и далеку побогати луѓе од Марцело Брозовиќ, но очигледно никој со поголемо срце од Хрватот. Некој ќе рече дека 3 илјади евра се ништо за Марцело кој убаво заработува во Интер, но ако не се ништо, што не ги уплати некој од нашите богаташи? Не конкретно за овој случај, бидејќи популарниот Брозо беше и многу брз со донирањето, туку во Македонија има многу слични случаи на луѓе кои се мачат да соберат средства за неопходно лекување.