Царовска: Согласно Законот јас немам друга опција освен да ја спроведам матурата

По јавната расправа во собраниската Комисија за образование, наука и спорт, која е закажана за утре, министерката за образование и наука Мила Царовска очекува дефинирање на концепцијата за основно образование. Очекува плодна дискусија, а секој конструктивен предлог, кој ќе произлезе од расправата, ќе може да се вметне во концепцијата со која се спроведува реформа на основното образование, која е обврска, во согласност со Законот за основното образование од 2019 година.

Фото: MИА

За концепцијата, нејзиното градење, бројните забелешки во јавноста во однос на начинот на кој се одвиваше процесот на нејзиното создавање, но и во однос на интегрираниот пристап во реформата говоревме со министерката Царовска во интервјуто за МИА.

– Лесно нема да биде за никого, но ниту една промена не е лесна. Затоа е важно да чекориме постепено и да фатиме чекор со светот поскоро, нагласува Царовска за МИА.

Појаснува дека е предвидено концепцијата да се воведува етапно во период од шест години, почнувајќи од прво и четврто одделение.

За интеграцијата и стравувањата од евентуално исчезнување на предметите, но и на работните места, Царовска е децидна дека такво нешто нема да се случи, напоменувајќи дека интеграцијата постои и сега од прво до петто одделение. Додава дека од шесто таа интеграција сега само треба да продолжи.

– Значи, станува збор за шесто, седмо, осмо и деветто одделение, интегрирање, но не целосно поклопување на научните дисциплини. Напротив. Тие остануваат тука, модуларно ги поставуваме и историја и географија и граѓанско и биологија и хемија и физика со тоа што географија има и во природни и во општествени науки, но бројот на часови останува ист и на природни и на општествени науки со сегашниот наставен план, но интеграцијата се однесува на темите коишто се учат да се поврзат со сите научни дисциплини, да речеме природни или со сите научни дисциплини од општествени. Зошто? Затоа што ниту еден проблем во животот, ниту еден предизвик не го решаваме само со користење една научна дисциплина, вели Царовска.

Нагласува дека кај нас со години ништо не менуваме и се чудиме зошто меѓународните тестирања едноставно нè оставаат најдолу.

– Не се нашите деца помалку паметни од другите деца, туку едноставно нашиот систем не ги учи проблемите да ги разгледуваат од повеќе агли, истакнува министерката за образование и наука.

Додава дека нема да дојде до загуба на работни места, туку смета дека ќе има дефицит на одредни кадри.

За буџетските импликации од новата концепција, за поголемата автономија, која е предвидена за наставниците во пренесувањето на содржините, за наставните материјали, но и медиумската писменост, разговаравме со Царовска во интервјуто за МИА. Таа се осврна и на државната матура, можност за законски измени, но и за плановите за реформи на средното образование.

Во продолжение следува целото интервју со министерката за образование и наука Мила Царовска.

Министерке, актуелна е концепцијата за основно образование, изминатиов период на големо се зборува, најавена е јавна расправа во Собранието. Кој сè е поканет, верувам дека имате сознанија, каква расправа очекувате? Очекувате ли конструктивна расправа со оглед на различните ставови во јавноста и различните реакции што се појавија во врска со оваа концепција?

– Сметам дека во наредниот период е многу значајна онаа дебата што треба да се случи или расправа во самото Собрание по однос на концепцијата за основно образование и навистина ќе бидам среќна што во Собранието ќе се зборува за основното образование, затоа што многу години за ниту еден концепт за основно образование досега не се зборувало во јавноста, а камоли да има јавна расправа во Собранието. Поканите ги испраќа самата Комисија, организатор е Собранието и не би можела да зборувам кој сè е поканет, но сметам сите релевантни, веројатно сите што биле гласни и помалку гласни во јавноста со различни ставови сигурно ќе бидат поканети од страна на Комисијата и ќе имаме плодна расправа.

Очекувате ли присуство на опозицијата?

– Секако, имаше иницијатива од нивната страна. Имаше исто така и од страна на самото Собрание, мислам дека претседателот на Собранието ја стави на дневен ред како информација, така што мислам дека со заеднички сили сите пратенички групи ја организираат оваа јавна расправа и очекувам сите да бидат присутни.

Зошто оваа реформа сега, предвидена е со Законот за основното образование, тоа е Ваша обврска, меѓутоа зошто сега? Во јавноста има ставови со поддршка за оваа концепција, меѓутоа имаше и различни реакции од некои институти на високообразовни установи. Зошто токму сега? Сметате ли дека е избрзана или навремено ја спроведувате?

– Задоцнета е, не е избрзана, тоа неколку пати го нагласувам. Во согласност со Законот за основното образование, донесен уште во 2019 година, имаме обврска да донесеме нов концепт за основно образование. Тоа е зачеток на тоа како би требало да изгледа основното образование. Следат наставните програми. Многу е важно да се фати чекор што побрзо затоа што секоја минута, секој час изгубен во образование основно коешто не ги следи светските трендови навистина има голем губиток за нашата држава и за нашите ученици, коишто утре треба да бидат продуктивни граѓани, така што сметам дека е сосема навреме. Секако, од Владата се очекува да ги подобрува системите, а не да ги држи во статус кво и токму на тоа работиме. Имаше претходни министри од, да речеме, истиот мандатар во претходната влада коишто работеа и на законот и на претходни концепции и сега доаѓа само времето за имплементација, еднаш чекорот мора да се направи.

Велите значи обврска во согласност со Законот и Вашите заложби како Влада. Колку време работевте на овој концепт којшто сега излегува во јавноста и кој сè работеше, кој сè беше вклучен во тој процес?

– Овој концепт како концепт се работеше во последниот период. Но, за да се стигне до тој концепт се искористија сите можни анализи на меѓународни релевантни организации, на домашни истражувања, резултати од нашите тестови, препораки од меѓународните тестирања и сето тоа исто така се направи и анкета со наставници за да се види каде се слабите страни, што препорачуваат и од целото тоа се состави концепт којшто во светот е и познат како систем на интегрирање и поставување одредени предмети да ги пренасочат учениците од фактографско учење кон учење со размислување или поставување задачи кои треба од повеќе дисциплини да го најдат одговорот. И сметам дека работната група е составена од најрелевантните претставници. Зошто го велам тоа? Затоа што имаме претставници и од настава, имаме претставници и од високо образование, од сите педагошки факултети, од Филозофскиот факултет од педагогија, од Бирото за развој на образованието како носител, затоа што министерот носи концепт врз основа на предлог на Бирото за развој на образование и сето тоа како една група којашто навистина е проактивна, но и вредносно се позиционира да кажеме многу исправно поради тоа што целосно европските, граѓанските вредности се дел од оваа нова концепција на основно образование. Знаеме дека основното образование треба да ни даде вредности, да нè постави како иден граѓанин на оваа држава, од друга страна, треба да нè научи да учиме. Тоа се главните задачи на основното образование и овој концепт токму тоа го учи.

Велите дека работната група била формирана на начин да ги опфати сите интересни групи да кажам во општеството…

– Не интересни групи, туку само, затоа што концепција за основно образование поставуваат психолози, педагози и наставници. За разлика од тоа дека програмите ги пишуваат дадени профили коишто си имаат своја експертиза по дадена научна дисциплина. Тука се направи забуна во јавноста зошто историчари, на пример, не се дел. Но, концептот на учење го поставуваат педагози и психолози. Тоа е на кој начин ќе учиме и како ќе учиме.

Се создава рамката всушност…

– Така е, така.

Е сега, Ви замеруваат за неинклузивност. Тука се надоврзувам, особено имаше реакции од, како што споменав, повеќе институти на факултети. Сметате ли дека требаше процесот да биде поотворен?

– Па, поотворен процес за промени во основно образование досега јас не сум видела. Еве, ако некој друг видел, ве молам, да посочите примери за да може да се угледаме наредниот пат, но мислам дека во наредниот период ќе се угледуваат на овој процес на транспарентност и дебата со сите чинители и сметам дека навистина обидот да се спинува една вака добра работа за нашата држава оди на штета на идните генерации. Но, сепак, тоа што видовме е дека во општеството навистина се поставија вредносни дискусии и тоа е многу здраво за едно општество коешто се демократизира и со тие вредносни дискусии се постави кои се оние што веруваат во тоа дека ние мора да преминеме кон општество коешто е граѓанско, кон општество коешто верува во европски вредности и општество коешто се грижи за идните генерации наместо личниот комфор.

Имаше рок за доставување забелешки, мислам дека беше 20 јануари, писмени коментари, предлози, сугестии. Мислам дека и по тој рок прифаќавте одредени забелешки…

– Така е, така е.

Преку дебати значи изминатиот период се расчистуваа дилемите. Дали се расчистија дилемите?

– Да, дилемите полека се расчистуваат, секако дека групата дискутира и ги очекуваме и последните конструктивни коментари од јавната расправа во Собранието и потоа ќе излеземе со, да речеме, сумарен документ во којшто ќе кажеме што е прифатливо, што не е и како оваа концепција како финален документ ќе изгледа, но навистина имаше конструктивни коментари коишто, да кажеме, ќе можат да се земат предвид за да стане подобра концепцијата.

Прифативте дел од забелешките?

– Да, секако, секако.

Значи, тоа ќе можеме да го видиме во конечната верзија. Кога да ја очекуваме?

– Да заврши јавната расправа во Собранието и потоа секако ќе ја известиме јавноста и во Собранието секако ќе има навестувања што е она што е прифатливо и ќе се види, да кажеме, како и говорниците таму што можеби ќе дадат дополнителни предлози ќе може да ги вметнеме во тие усвоени забелешки.

Дали прифативте некоја забелешка од опозицијата и дали имаше забелешки од опозицијата?

– Можеби во Собранието ќе дадат од опозицијата некакви конструктивни коментари. Но, она што го видов беше да не се брза, секако доцниме и второто беше да се врати процесот назад и да остане историјата. Секако историјата како научна дисциплина останува. Тоа беше нивна лажна вест што ја проширија, но мислам дека граѓаните разбраа дека главен ширач на лажни вести во нашата држава се тие и дека навистина не можете да се потпрете на информациите што ги споделуваат со јавноста. Затоа апелирам да се следат сите релевантни извори на информирање од Владата, од Министерството, оние што се официјални канали, за да не подлегнуваат на ваков тип провокации.

Малку содржински околу концепцијата. Намалување на фактографското учење, развивање на критичкото мислење, аналитичко мислење, зајакнување на воспитната компонента. Значи, сето тоа се прекрасни постулати за една концепција, меѓутоа како до нив, не се доволни само пишаните документи, сето ова треба да се имплементира во пракса со наставници што ќе бидат соодветно обучени за овој нов концепт?

– Така е, затоа одиме и етапно. Програмите ќе се изготвуваат за прво и четврто одделение. Од друга страна, наставниците ќе поминат интензивна обука за тоа, ќе имаат систем на поддршка од страна на Бирото, но исто така и од страна на работната група што ја подготвуваше концепцијата. Ќе се следи чекор по чекор како се имплементира за да можеме и во тек доколку има одреден недостаток да се интервенира затоа што ниту еден систем не може да го промените наеднаш преку ноќ. Тоа се менува етапно и затоа одлучивме дека сукцесивно ќе додаваме одделение по одделение за да не се направи поместување на системот којшто, да речеме, ќе има негативни ефекти. Затоа на овој начин којшто го поставуваме како концепт е само стартна позиција. Наставните програми ќе треба да бидат исто така изработени од експерти по дадените научни дисциплини и потоа да се спроведе обука, којашто ќе биде дел од работната група којашто ќе го предава концептот на учење и дел од оние што ќе бидат вклучени во подготовка на програмите исто ќе учествуваат во обука на наставниот кадар, којшто наредната година треба да започне да ја имплементира.

Значи, рековте постепено, најпрво ќе бидат прво и четврто, засега, а понатаму 2022/2023 ќе бидат сите одделенија или постепено?

– Не, постепено во период од шест години ќе треба да ја воведеме целата концепција за да добиеме еден стабилен систем на основно образование затоа што сметам дека така треба да оди првото одделение со влез, па наредната година второ, четврто, петто, ако се постигне шесто во 2022 како интегрирани природни и општествени ќе биде исто така голем успех, но затоа си земаме една година подготовка на шестото одделение.

И кога се воведуваше Кембриџ-системот не се воведе од прво, мислам дека од трето се воведе тогаш, е сега овие деца следната година од прво и од четврто, значи мора да се почне од некаде, меѓутоа како оваа промена ќе влијае токму на нив, бидејќи тие на некој начин ќе бидат подложени на нешто ново, на некој вид експеримент?

– Што и да значи експеримент во поставувањето на оваа теза секоја новина е предизвик и тука нема никаков проблем за тоа поради тоа што секој предизвик има начин како да се реши и да се надмине – само со труд, волја и посветеност може да се надмине. Е сега, програмата за четврто секако дека ќе ги има предвид и оние програми што учениците до трето одделение ги имале како наставен материјал, но и наставна програма и ќе се надоврзе на нив, но ќе биде зајакнато за да може да ги пренесе, значи поради тоа што тој вториот развоен период е преносот од одделенска кон предметна настава. Значи, токму во тој период ги опфаќаме учениците коишто ќе излезат од прв развоен период, ќе имаме зајакната програма за да ги подготви за третиот развоен период или за интегрирана настава од шесто одделение.

Да расчистиме малку околу моделот. Значи, на големо се зборуваше дека станува збор за фински модел, потоа чинам еден од членовите на работната група, Барбареев, појасни дека не е фински модел, дека е некаков комбиниран. За каков модел станува збор, како го градевте моделот, од каде ги црпевте искуствата?

– Македонски, национален, образовен систем за основно образование на којшто сите треба да бидеме горди ако максимално се дадеме, вложиме тој да стане реалност. Финскиот модел се создал како национален концепт. Естонскиот модел се создал како национален концепт. Тоа укажува дека секоја земја што се грижи за своите граѓани инвестира во дел којшто одговара на нејзините можности и на нејзините потреби. И токму таков образовен систем создаваме сега. Користени се сите држави што имаат одлични резултати на меѓународните тестирања, но исто така користени се и искуства од регионот за да се видат добрите и лошите страни. Но, да не заборавиме користени се и наши искуства и од Кембриџ-искуството, и од девоттолетката искуството, и од други да речеме интеграции на екологија и различни елементи коишто се воспоставувале во образовниот систем за да може да стигнеме до овој концепт и да кажеме – да, со наши сили можеме ова да го спроведеме. Лесно нема да биде за никого, но ниту една промена не е лесна. Затоа е важно да чекориме постепено и да фатиме чекор со светот поскоро.

Интеграцијата веќе ја споменавте на наставни содржини, интегрирањето колку што ја разгледував концепцијата ќе биде во деловите на општествените и природните науки. Таа ќе постои од прво до деветто одделение. Тука беа и најголемите, да кажам, реакции или кршење на копјата. Токму овој пристап го предизвика стравот дека преку интегрирањето ќе има губење на одредени предмети, губење на работни места. Еве, отворено ве прашувам, дали ќе постои Историја како предмет, дали ќе постои Хемија како предмет, дали ќе постои Физика како предмет? Како сето тоа ќе функционира во еден интегриран систем? Дали ќе постои професор по историја?

– Мислам дека овие дилеми во јавноста направија една негативна атмосфера…

Особено историјата, ние сме во чувствителен период во односите со Бугарија…

– Образованието не се базира на историја и оваа концепција нема никаква врска со надворешните политички прашања на нашата држава. Има единствено врска со внатрешните постигнувања на нашите деца коишто понатаму треба да бидат продуктивни граѓани да ја водат државата. Е сега, интеграција и денеска постои, во петто одделение вие имате интеграција и немате никаков проблем тука. Имаме во четврто, петто и така подметнувања одреден предмет за да се прејде кон предмет на настава од шесто. Од шесто сега би требало само да продолжи. Значи, станува збор за шесто, седмо, осмо и деветто одделение интегрирање, но не целосно поклопување на научните дисциплини. Напротив. Тие остануваат тука, модуларно ги поставуваме и историја и географија и граѓанско и биологија и хемија и физика со тоа што географија има и во природни и во општествени науки, но бројот на часови останува ист и на природни и на општествени науки со сегашниот наставен план, но интеграцијата се однесува на темите коишто се учат да се поврзат со сите научни дисциплини, да речеме природни или со сите научни дисциплини од општествени. Зошто? Затоа што ниту еден проблем во животот, ниту еден предизвик не го решаваме само со користење една научна дисциплина. Треба да имаме сознанија од повеќе научни дисциплини за да можеме да ги надминеме прашањата што ни се поставуваат за разгледување на маса. Тоа го поставуваат и сите меѓународни тестирања. Ние со години ништо не менуваме и се чудиме зошто меѓународните тестирања едноставно нè оставаат најдолу. Не се нашите деца помалку паметни од другите деца, туку едноставно нашиот систем не ги учи проблемите да ги разгледуваат од повеќе агли.

Но реакциите беа бидејќи во самата концепција го нема зборот историја, хемија…

– Модуларно ги има. Модуларно постојат предметите и никој не треба да се плаши од тоа дека ќе остане без работа. Јас одговорно тврдам дека ние ќе имаме дефицит. Ние ќе имаме дефицит на кадар со ваква интензивна работа на училиштата. Сега училиштата работат само формално образование и само она што е задолжително. Останатото време учениците го поминуваат – дел од нив без позитивно влијание, дел од нив ако родителите имаат финансиски средства да платат со позитивно влијание, но плаќаат за тоа – различни секции, различни спортови итн.

Очекувате дека со оваа концепција ќе можат навистина да учат во училиштата без да плаќааат дополнителни приватни часови?

– Секако. Секој што има може да си плати надвор, но училиштата треба да станат место каде што секој ученик добива еднаква шанса да ги развива своите афинитети. Со изборните предмети му се дозволува на ученикот да може своите потенцијали, она што смета дека најмногу сака да го прави да може да го прави во училиштето и да го креира своето образование. Но, исто така и на наставниците им се остава автономија дека ако сметаат дека дел од програмата треба да ја приспособат, да внесат нешто ново што е соодветно за нивната средина да не им е тоа ограничено. Затоа што ниту едно дете не можете да го ставите во калап. Секое е само за себе. Ниту една средина не можете да ја ставите во калап, а на наставникот сега му е ограничено правото да менува. Тој шаблонски мора да следи нешто што му е зададено. Сега со автономија на наставникот и со можност на ученикот да избира училиштата стануваат попријатна средина. Многу време ќе ни треба да ја направиме пријатна средина училиштето поради тоа што во моментов има еден отпор кај учениците кон училиштето, но е важно да почнеме да го градиме тоа и за шест години да си зададеме задача да имаме пријатни училишта коишто се безбедни средини за сите ученици.

Исто така автономијата нели што ја споменавте на наставниците, се зборуваше изминатиов период, до каде ќе биде таа автономија, сепак мора да има некој наставен план кон којшто ќе се држат, но во што ќе биде нивната автономија? На пример, имаме одреден учебник по одреден предмет имаат обврска и задолженија да ги предадат тие наставни содржини, дали во пристапот како ќе го пренесат, дали во дополнителните средства, бидејќи и сега мислам дека наставниците имаат можност ако сакаат нели да воведат дополнителни појаснувачки материјали за одреден предмет? Во што ќе биде разликата?

– Наставниците следат учебник и тоа е многу погрешно. Не го следиме учебникот. Треба да ја следиме наставната програма и да ги постигнеме излезните резултати од учење за да кажеме дека нештото сме го направиле успешно. Инаку, ако наставникот ја прочита лекцијата и ученикот ја повтори лекцијата веројатно не сме постигнале ниту еден од резултатите потребни од учење. Сега наставникот нема да се фокусира на учебникот. Учебникот е средство што дава основа, но тоа не е единствен извор на знаење. Напротив, наставникот ќе треба да го насочи ученикот да истражува од различни извори, дури и самостојно, и притоа да процени дали тоа што го научил е така или не, затоа што како ќе ги научиме критички да размислуваат што е вистина што е невистина. Денеска се сите изложени на многу невистина. За да може да процени тој уште од најмала возраст треба да бара и да истражува различни ресурси за да ги потврди оние информации што ги добива. Зошто никогаш не ги насочуваме кон училишна библиотека, зошто не ги насочуваме кон ресурси на интернет коишто се релевантни за ученици, туку се држиме само за учебникот? Учебниците си се основа што како материјал не мора да биде ниту печатен, може да биде дигитален. Битно е дека таму вие му ги давате основните знаења што тој треба да ги стекне како факти да кажеме во некоја научна дисциплина, но треба да научи и да ги предизвикува тие факти поради тоа што во такво време живееме – динамично коешто треба да ги научи учениците да учат, да истражуваат и да надминуваат проблеми.

Ќе треба промена на свеста за оваа реформа, особено на наставниците…

– Од некаде мора да почнеме за идните генерации да бидат веќе со променета свест којашто ќе успее да ги воведе во она динамично време и да ги приближи кон стандардите во светот.

Ги споменавте вистината и лагата, да научат што е вистина, што е лага. Медиумската писменост на големо се зборува, потребна им е не само на децата туку и на возрасните, но сепак досега медиумска писменост во образованието имавме само во рамките на предметот Македонски, и тоа некои штури информации. Дали се планира, како се планира воведување медиумска писменост во училиштата?

– Тоа ќе биде дел од програмите наставни, затоа што ние нема да воведеме…

Како посебен предмет?

– Вакви хоризонтални прашања треба да ги имате низ сите наставни програми по дадените предмети. Затоа што ако вие му дадете посебен предмет медиумска писменост, а притоа во македонски тоа го нема или во мајчин јазик тоа го нема, го нема во природни, го нема во општествени како алатка тогаш вие џабе го предавате посебно предметот. Важно е да тие сите вештини за коишто зборуваме што треба да ги стекнат во основно да ги поставиме во сите програми еднакво да бидат присутни за тој кога истражува за општество да може да употреби алатки од медиумска писменост. Или кога зборуваме за природни, екологија не само како екологија – зачувување на животната средина, туку како излезно решение за загадување на воздухот треба да имаме што е опцијата, што физиката нуди како современи мерки. Така што сметам дека на тој начин ќе го добиеме она што велиме медиумска писменост или критичкото размислување затоа што тоа не се прави со посебни предмети. Тоа се прави со силно вложување во наставниот кадар и затоа за оваа програма најмногу ќе се грижиме наставниците да имаат соодветни обуки и програмите доследно да се имплементираат во овој дел на поставување алатки коишто ќе ги поттикнат учениците и критички да мислат, да разликуваат лага од вистина постојано низ материјалот.

За овој месец ги најавивте наставните програми дека ќе се изработат како следна фаза. На ниво на држава треба да се направи повик за наставните програми, ќе следуваат и учебници понатаму. Во концепцијата е наведено дека дел ќе бидат дигитални, дел ќе бидат пишани учебници. Колку оваа реформа ќе го чини буџетот?

– По потпишувањето на концепцијата се распишува оглас за програмите и тие ќе имаат време во коешто ќе ги прават, тие нема да бидат готови за еден месец никако поради тоа што е потребно за прво и четврто да имаме сериозен пристап кон програмите и тие и да се дискутираат јавно и да се дебатираат за да може да ги затвориме и да почнеме со обука на наставниот кадар за овие две одделенија. А дали ќе има учебници како што пишува и во концептот од, да речеме, прво и четврто нова концепција нужно изискува и нови наставни материјали и согласно наставните програми, така што директно наставните програми ќе следат со наставни материјали коишто ќе бидат подготвени и за учениците и за наставниците.

Имате ли некоја проекција за финансиските импликации, барем еве во оваа прва фаза, долгорочно можеби е рано, можеби имате?

– Таа самата по себе бара инвестирање во кабинети коишто во тек дискутираме да се направат иако шесто одделение е оставено за 2022 година, сепак да започнеме со опремување на кабинетите по природни науки со поддршка од Светска банка. Дополнително обуки за наставен кадар со поддршка од сите меѓународни партнери и од Светска банка, и од УСАИД, и од УНИЦЕФ, тоа се партнери коишто на државата ѝ стојат на располагање во континуитет за да можеме да добиеме поддршка, но и буџетот на Министерството за образование и наука оваа година е повисок поради капиталните инвестиции, но исто така и поради другите сегменти коишто се потребни за да се заокружи овој процес. Сукцесивно секоја година секако дека ќе треба да издвојуваме повеќе финансиски средства за инфраструктурата во континуитет не само да се реновира и реконструира, туку и да се одржува.

Инфраструктурата е исто така горлив проблем, нели особено во одредени училишта во руралните средини. Верувам дека тоа преку ноќ нема да се реши, но сепак треба да се размислува и во насока на подобрување на условите, бидејќи имаше забелешки воведуваме модерна концепција, без модерни училишта…

– Замислете да чекаме сите училишта да ги изреновираме, па тогаш да фатиме чекор со светот. Мислам дека тогаш не да ќе биде задоцнето, туку ќе биде одминато и времето за поправка. Затоа сметам дека паралелно да инвестираме во инфраструктура и тоа го правиме по план поради тоа што МОН за првпат воведе пристап на повик кон општините коишто имаат готови проекти да аплицираат во Министерството заеднички да ги затвориме тие проектни решенија и да инвестира МОН и на тој начин ќе продолжиме понатаму.

Актуелна тема деновиве е матурата. Имавте средби, матурантите негодуваат, бојкотираат. Рековте нема отстапување. Последниве денови има поддршка од одредени политички субјекти кон барањата на матурантите, има најави, односно најави за барања за измени на Законот. Вашето мислење, дали останувате на ставот дека оваа година матурата ќе се полага онака како што е дефинирана и дека од следната ќе има нов концепт. Има ли можност за некаква отстапка или евентуална измена на Законот?

– Јас имам обврска како министерка за образование и наука да го спроведувам доследно Законот. Законот е јасен, државната матура е дел од законското решение. Тоа е и обврска за сите оние што сакаат да го продолжат своето образование кон високо во државата или надвор од неа. Учениците имаат право, а ние имаме обврска да им го оствариме тоа право на полагање државна матура. Сите ученици што сакаат да полагаат државна матура до крајниот рок, крајот на декември, ги пријавија и предметите и проектната задача. Голем дел од нив и се спремаат и сметам дека ние навистина немаме право да им го ускратиме правото на полагање матура поради тоа што ако министерот покаже дека не го почитува Законот, што останува за останатите. Ние треба да бидеме пример и затоа во согласност со Законот јас немам друга опција освен да ја спроведам државната матура.

Значи, не постои можност за некаква иницијатива за менување на Законот?

– Можеби во наредниот период за идната матура поради тоа што имаме направено работна група заедно со средношколците, со Државниот испитен центар којашто се однесува на нов концепт за полагање матура, треба да се осовременува. Ние и оваа година направивме на почетокот мали приспособувања, воведовме Информатика, Географија за што беа известени сите средношколци, беше известена Унијата на средношколци, проектната задача ја променивме – тие сето тоа го поздравија. И сега, и со нив се видовме и пред еден месец и утврдивме дека за наредната година тие ќе учествуваат во новиот концепт за матура, ќе го правиме заедно, но за оваа сите рокови се одминати и ние имаме обврска кон учениците коишто пријавиле матура.

Дали имате некакви сознанија можеби што таа матура што понатаму ќе се менува, како би изгледала, дали се приближува кон сегашните барања на средношколците или допрва ќе се работи?

– Има воспоставено работна група, јас не би сакала да зборувам за нешто предвреме. Тие се експерти од Државниот испитен центар, ќе има средношколци и наставници коишто заеднички ќе треба да утврдат нов модел на полагање матура и секако дека ќе има јавна дискусија за тоа прашање, ќе биде објавена, може некој ќе даде коментар, па дури потоа ќе можеме да ја усвоиме како таква.

Опозициската ВМРО денеска Ве обвини на некој начин дека вршите притисок врз матурантите и професорите, директно сте го спроведувале притисокот, еве ќе цитирам преку директорите на средните училишта, бараат од СДСМ да го поддржи, нели тоа кажав Законот за средното образование, меѓутоа како ги коментирате ваквите тврдења дека вршите притисок?

– Не сметам дека треба стварно да ги коментирам нивните изјави поради тоа што влегуваат од една лажна вест во друга лажна вест, во трета лажна вест и навистина мислам дека на граѓаните им е доволно, а јас како министерка не сметам дека треба да ги коментирам овие нивни изјави.

Говориме, за крај, еве реформи во основното, но средното не е реформирано од 2001 година, Ваш коментар во таа насока?

– Да го завршиме основното, да започнеме имплементација. Има група што работи на средното гимназиско, но нема тоа да се воведува оваа година, наредната учебна 2021/2022 можеби за таа по неа тамам да го фати чекорот и со она што ќе се јавува како концепциска промена во основно и да продолжи во средното гимназиско. Секако дека треба и во уметничкото, средното стручно веќе е во тек, министерот Арбер интензивно работеше и министерката Рената на тоа, сега веќе одиме на локален социјален дијалог за усогласување на потребните профили коишто треба да се едуцираат во средните стручни во согласност со потребите на реалниот сектор.

Ана Цветковска

реклама

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Read more

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Зошто Александар Македонски не го нападнал Рим туку одел само на исток?

Read more

Најнеобичните цвеќиња што може да се видат на Земјата

Read more

Македонија

Апасиев од Титов Велес: Сиромашниот Албанец ни е поблизок од Кочо Анѓушев

Read more

Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми

Read more

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Read more

Викендов променливо облачно со локален дожд

Read more
 

Вести

  • play_arrow

Апасиев од Титов Велес: Сиромашниот Албанец ни е поблизок од Кочо Анѓушев

Читај повеќе

Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми

Читај повеќе

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Читај повеќе
  • play_arrow

Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја

Читај повеќе

Големи експлозии во база на проиранската милиција во Ирак

Читај повеќе

Викендов променливо облачно со локален дожд

Читај повеќе

Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија

Читај повеќе

Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи

Читај повеќе

Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот Time

Читај повеќе