Премиерата на хуманоидниот робот Optimus не наиде на масовен ентузијазам во јавноста.

За време на настанот Tesla AI Day 2022, Илон Маск на светот му го претстави хуманоидниот робот Optimus, кој одеше на сцената и им мавташе на присутните.
Ова беше првпат Optimus да оди и целосно самостојно да ги извршува моторните функции, па може да се заклучи дека презентацијата беше успешна, бидејќи роботот ја исполни својата задача.
Меѓутоа, луѓето на интернет, а особено на сајтот Reddit, беа разочарани од прикажаното, па претставувањето на роботот Optimus брзо наиде на потсмев кај многу корисници.
„Кога прочитав дека 'одеше на сцената', очекував да го видам како оди самоуверено како вистински робот Т-1000. За малку ќе се помочав кога го видов како полека се клати на сцената“, изјави корисникот MVIVN, на што TheUpperHand додаде: „Оди како да е пијан“.
„Направиле поголема и помалку импресивна верзија на роботот ASIMO“, тврди Tough_Yoghurt7177.
„Honda направи роботи што одат во 1986 година, а во 1993 година имаа робот кој го прави истото како овој, пред речиси 30 години“, додава Zeptillian.
Многумина го споредија Optimus со роботите на Boston Dynamics.
„Дали навистина претставија робот кој изгледа како технологија од 80-тите кога Boston Dynamics има роботи кои прават салто наназад и паркур? За греота“, рече Killerdude8.
Коментарите не беа љубезни ни кон самиот Илон Маск, за кого корисниците на Reddit рекоа дека „повторно се обидува 'да продаде магла'“ и дека „подобро е да се фокусира на недостатоците на неговите автомобили, наместо да презентира хуманоидни роботи“.
Сепак, Илон Маск тврди дека роботот се напојува со истата вештачка интелигенција која се наоѓа во автомобилите на Tesla, а бидејќи најбогатиот човек во светот е еден од основачите на компанијата OpenAI, чиј софтвер DALL-E 2 го воодушеви светот, нема сомнеж дека Optimus ќе биде исклучително софтверски способен, а главната пречка е подобрувањето на моториката.