Цените на акциите денеска пораснаа на повеќето азиски берзи, по остриот пад во претходните денови, а поради несигурноста на инвеститорите на финансиските пазари, цената на златото достигна рекордно ниво.

Индексот на азиските акции MSCI беше во плус 0,4% во 7 часот наутро. Јапонскиот индекс Nikei порасна за 0,9%, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Хонгконг пораснаа меѓу 0,5% и 2,4%. Во Јужна Кореја, сепак, тие паднаа.
Растот на повеќето индекси главно се должи на корекцијата на цените на акциите по остриот пад оваа недела, бидејќи нема значајни вести од регионот за поддршка на пазарите. Во меѓувреме, кинеските берзи растат благодарение на неодамнешното ветување на владата дека наскоро ќе воведе нови мерки за стимулирање на економскиот раст.
Но, флуктуациите на берзанските индекси во текот на денот покажуваат дека на пазарите владее неизвесност, како што беше случајот вчера на Волстрит, кога индексот Dow Jones падна за 1,3%, S&P 500 околу 1,4%, а индексот Nasdaq речиси 2%. По вчерашниот пад, S&P 500 му се придружи на Nasdaq индексот на територијата на корекција, што значи дека падна за повеќе од 10% под рекордното ниво, достигнато во февруари.
Зголемена е вредноста на доларот.
Цената на златото од почетокот на неделата се зголеми за 2,6% и утринава достигна рекордно ниво – 2.990 долари за унца.