Цените на нафтата на светските берзи растат трета недела по ред, бидејќи закрепнувањето на економиите од корона-кризата се очекува да ја зголеми побарувачката за „црното злато“.
На лондонската берза, цената за барел нафта минатата недела порасна за 0,6 проценти, на 68,70 долари, додека на американскиот пазар, барелот порасна за 0,7 проценти, на 65,37 долари.
Поддршката на цените беше обезбедена со проценките за зајакнување на побарувачката, бидејќи најголемите економии во светот закрепнуваат од корона-кризата и активностите постепено се нормализираат.
Така минатата недела, Меѓународната агенција за енергија (IEA) соопшти дека побарувачката за нафта ќе го надмине производството на најголемите производители.
„Очекуваниот раст на понудата до крајот на оваа година не е ни блиску до нашата проценка за значително поголема побарувачка по вториот квартал“, соопшти IEA.
И Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) го нагласи солидното закрепнување на побарувачката оваа година, предвидувајќи дека растот во Кина и САД ќе го надмине влијанието на кризата во Индија.
„Очекувањата дека економијата и побарувачката брзо ќе закрепнат помогнаа за подобрување на цените на берзата во Лондон“, рече аналитичарот на Commerzbank, Карстен Фрич.
Пречка за посилен раст на цените е здравствената криза во Индија, третиот најголем потрошувач на нафта во светот, каде што се забележани рекордни бројки на нови случаи на инфекција со коронавирус и смртни случаи.