Започнувањето на денот со појадок богат со протеини е еден од најдобрите начини да имате енергија во текот на денот.
Комбинирањето на хранливи намирници кои добро делуваат на организмот, како овошје, зеленчук, овес, семки и слично, освен енергијата има и други придобивки.
Важно е да се јадат протеини бидејќи се од клучно значење за одржување на различни телесни функции, вклучувајќи обнова на мускулите, здрав метаболизам и ситост.
Подолу истакнуваме неколку добри опции за високопротеински појадок кои можете да ги подготвите на едноставен начин.
Јајцата се омилен појадок за многу луѓе, а може да се подготват на различни начини, вклучително и како омлет со зеленчук. Подгответе протеински омлет со комбинирање на јајца со вашиот омилен зеленчук, како што се спанаќ, домати и пиперки. За да обезбедите уште подобар вкус и да ја зголемите содржината на протеини, можете да додадете сирење.
Чиа семето е познато дека помага при губење на тежината, но исто така може да го подобри здравјето на срцето и да ги зајакне коските, пренесува Health Shots. За да подготвите пудинг од чиа семе, измешајте одредена количина семки со (растително) млеко и оставете преку ноќ да се формира кремаст пудинг. За да се осигурате дека пудингот е вкусен, додадете зрнесто овошје и/или јаткасти плодови. Одредете ги пропорциите според вашите сопствени желби.
Авокадото и јајцата се одлични опции за појадок, особено кога се комбинираат со парче интегрален леб. Можете да го исечете или пасирате авокадото, а јајцата сварете ги или поширајте ги, за најздрава опција. Овој појадок е богат со здрави масти, витамини и влакна и е една од најдобрите опции за појадок на листата, пренесува Health Shots.
Смути е уште една популарна опција за појадок и може да се подготви на различни начини. За оние кои не сакаат целосно зелени смути, можат да ја пробаат комбинацијата од бадеми и какао. За ова смути ќе ви треба бадемово млеко, какао во прав, лажица протеин во прав и грст спанаќ. Од овие состојки можете да подготвите смути во зависност од вашите преференции, а богато е со протеини и антиоксиданси.