Во првите шест месеци откако прележале COVID-19, на еден од осум пациенти за првпат му се дијагностицира психијатриско или невролошко нарушување, како што е мозочен удар, акутно крварење во черепот или мозокот, деменција...
Анализата предводена од Макс Такет од Одделението за психијатрија на Универзитетот Оксфорд открива дека на еден од осум пациенти кои прележале COVID-19 за првпат им е дијагностицирана психијатриска или невролошка болест во првите шест месеци по закрепнувањето.
Студијата што уште нема добиено независни критики од стручната јавност, е уште една во низата докази дека психолошкиот стрес што доаѓа со COVID-19 не може да се игнорира.
Покрај тоа, резултатот бил уште полош (секој трет пациент) кога истражувачите вклучиле пациенти со историја на психијатриски или невролошки нарушувања.
Британски експерти користеа здравствени досиеја за да оценат 236.379 хоспитализирани и нехоспитализирани пациенти во САД, кај кои беше потврдено дека имаат дијагностициран COVID-19 и ги споредија со група на пациенти со дијагностициран грип и други респираторни заболувања помеѓу 20 јануари и 13 декември 2020 .
Анализата, која ги зела предвид познатите фактори на ризик - возраст, пол, раса, постојни физички и ментални услови и социо-економски статус, открила дека инциденцата на невролошки и психијатриски заболувања по COVID-19 е 33,6 проценти. Од нив, 13 проценти немале историја на такви болести.
Заболувања и состојби кои ги погодуваат пациентите излекувани од COVID-19 најчесто се мозочен удар, акутно крварење во черепот или мозокот, деменција и психијатриски нарушувања.
Најновата студија ги поддржува податоците од претходните истражувања, кои покажаа дека на едно на пет лица има дијагностицирано психијатриско нарушување во првите три месеци по прележувањето COVID-19.