Се чини дека нема крај на алчноста на автопроизводителите, а Mercedes е најновиот пример.

По BMW, Mercedes е најновиот германски производител кој ги заклучува функциите на својот автомобил зад претплата. Сепак, овој производител отиде чекор понатаму, па реши да ги ограничи перформансите на своите возила и да воведе претплата за зголемување на забрзувањето.
Acceleration Increase е годишна претплата која чини 1.200 долари и ги подобрува перформансите на автомобилот со подобрување на моќноста на моторот за 20-40%, зголемување на вртежниот момент и скратување на времето на забрзување од 0 до 100 км/часА за 0,9 секунди при користење на режимот Динамично возење. Претплатата не доаѓа со никаква физичка надградба - наместо тоа, таа едноставно ги отклучува целосните можности на возилото, што покажува дека Mercedes намерно ги ограничил перформансите на своите електрични возила за да ги продава како опционални додатоци подоцна.
Бидејќи глобалната продажба на нови возила опадна во последниве години, производителите на автомобили се свртеа кон продажба на софтверски надградби и претплати. Иако ова има смисла за одредени софтверски специфични понуди, како што се премиум функциите за навигација или далечинско следење на возилата, платежниот ѕид за отклучување на перформансите на автомобилите на Mercedes е нов, прилично непопуларен тренд, бидејќи производителите ги ограничуваат можностите на хардверот што возилото веќе ги има фабрички.
Оваа одлука доаѓа само еден месец откако BMW примени сличен деловен модел на своите автомобили, барајќи од клиентите да плаќаат месечна претплата од 18 долари за да можат да ги вклучат грејачите на седиштата и воланот. BMW, исто така, претходно се обиде (неуспешно) да наплати 80 долари месечно за пристап до функциите на Apple CarPlay и Android Auto, кои другите производители ги нудат бесплатно.