ПАНДЕМИЈАТА ПОТТИКНА ПРОМЕНИ

Дали дрвото е новото злато?

Кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус влијаеше на многу економски гранки во Германија, но дрвната индустрија во последно време работи многу добро.

Цените на производите од дрво значително се зголемија во последните месеци. Зошто е така?

Андреас Мелцер раководи со пилана во Ридерсдорф, близу Берлин. Неговите книги за нарачки се полни. Според него, причината е фактот дека многу луѓе затворени дома се свртеле кон проекти „направи сам“ за време на пандемијата.

Што вели за пишувањата на медиумите дека има сериозен недостиг на дрво на пазарот? Мелцер одговара дека досега не морал да се грижи за залихите, затоа што во Германија никогаш немало толку многу необработено дрво.

Навистина, Германското федерално биро за статистика потврди дека минатата година била исечена рекордна количина дрва во последните три децении. Причината е растот на побарувачката на неколку клучни пазари, но приближно половина е намалена заради штетите што претходно беа предизвикани на дрвјата, a беа поврзани со климатските промени.

„Огромната количина шуми исечени минатата година може барем делумно да се припише на потребата да се отстранат дрвјата оштетени од невреме или заразени со бубачки“, вели Холгер Вајмар од Хамбуршкиот институт за меѓународно шумарство и економија на шумите.

Тој за DW потврди дека статистичките податоци укажуваат на тренд на раст, но, вели тој, тие не го одразуваат во целост реалниот обем на сечење минатата година. „Треба да се каже дека официјалните бројки се до 25 проценти пониски од реалните, бидејќи во тие статистички податоци нема приватно уништување на шумите“, вели Вајмар.

„Направи сам“ за време на пандемија

Каде завршува целото тоа дрво? Во најголем дел - никаде. Огромни количини на исечени дрвја се натрупуваат во шумите низ целата земја и чекаат на ред за преработка во пиланите. А тие во последниве месеци во Германија не престанаа да работат.

„Од тој сектор потврдуваат дека пиланите работат со полн капацитет подолго време и тие едноставно не можат да преработуваат повеќе дрва“, вели Вајмар. „Тоа е делумно техничко прашање, бидејќи нема доволно пилани, но исто така е и недостаток на квалификувана работна сила.

Проблемот дојде до израз во најтешкиот период на корона-кризата, не само затоа што луѓето кои мораа да останат дома сакаа да го искористат тоа време правејќи нешто самостојно, туку и поради зголемената побарувачка на клучните прекуокеански пазари.

„Во САД, градежната активност нагло се зголеми пролетта минатата година, но капацитетот за преработка на дрво е ограничен, пред сѐ затоа што многу пилани беа затворени за време на глобалната финансиска криза“, објаснува Вајмар.

Ова е потврдено од Карстен Мерфорт, извршен директор на Mercer Timber Products, компанија специјализирана за производи од меко дрво. „Сегашната побарувачка на дрва во САД ја стимулира општата побарувачка и зголемувањето на цените. На тоа придонесуваат и обемните инвестициски програми објавени од администрацијата на Бајден“, изјави Мерфорт за DW.

Шпекулирања и чекање повисока цена

Поради сето ова, многу купувачи и крајни корисници на производи од дрво во Германија веруваат дека нема да има доволно дрво на домашниот пазар.

„Тој хаос се прелеа од САД во Германија, а некои сега натрупуваат дрва, ги полнат своите магацини надвор од нивните потреби, бидејќи шпекулираат дека цените може да се зголемат понатаму. Затоа тој вишок е недостапен", објаснува Мерфорт.

Ситуацијата е дополнително комплицирана од фактот дека многу столари во Германија поставуваат неоправдано големи побарувања кога станува збор за квалитетот на сеченото дрво.

„Стандардот што го бараат не може секогаш да се исполни ако не се користи дрво зафатено со бубачки. Другите купувачи во странство се задоволни што го користат тој материјал за градежни проекти“, вели Мерфорт.

И нема причина да не се користи тој материјал, нагласува Питер Ајхер, претседател на Здружението на германски столари.

„Дрвото оштетено од невреме или зафатено со бубачки во никој случај не е полош ресурс“, изјави Ајхер за DW. „Неговите производи имаат приближно исти својства како и незаразениот материјал. Освен некои неправилности, овој материјал ја задржува својата носивост кога се користи во градежништвото“.

Во САД дрвена граѓа, во Кина необработени трупци

Карстен Мерфорт заклучува дека затоа не треба да се зборува за општ недостиг на дрва. Домашната побарувачка е зголемена, но, вели тој, зголемена е и понудата од пиланата. Затоа тој не ги разбира повиците за ограничување на извозот.

„Во 2020 година германската индустрија за дрво извезе само 600.000 кубни метри материјал во САД, што е речиси занемарливо“, посочува Мерфорт. САД, всушност, сè уште увезуваат најмногу од Канада, а само од четири до пет проценти од Германија.

„Кога станува збор за Кина, ние главно извезуваме дрва оштетени од невреме или нападнати од штетници, односно оние што тие не сакаат да ги користат тука во Германија“, додава Мерфорт. Голем дел од извозот во Кина во 2020 година беа цели бродови со необработени трупци - извезени се приближно 6,4 милиони кубни метри и само 900.000 кубни метри дрва.

Искуство од тешки времиња

„Во период од петнаесет години, цените беа екстремно ниски, и никој не ни помислуваше да нѐ поддржи во тоа време“, се сеќава Мерфорт. Неговата компанија, вели тој, вложила многу во подобрувањето на продуктивноста и ефикасноста за тоа време.

„Веќе околу шест месеци, цените конечно растат, а некои веднаш прават врева околу тоа“, се жали Мерфорт, проценувајќи дека цените и онака нема да останат толку високи долго.

Истото го вели и експертот за шумска економија, Холгер Вајмар. Тој исто така не смета дека цената на дрвата ќе продолжи да расте во наредните години, иако признава дека има малку искуство со вакви екстремни скокови.

„САД наскоро ќе ги прошират своите сопствени капацитети“, очекува Вајмар. „Истовремено, производството на дрвени куќи во Германија може малку да забави, а некои поголеми проекти тука може да се одложат. Но, сето тоа засега е само претпоставка“, вели тој.

реклама

Три уреди во домот што никогаш не треба да се исклучуваат од струја

Read more

Полната Месечина во Скорпија на 24 април ќе направи хаос

Read more

Откриена најголемата змија што некогаш живеела на Земјата

Read more

Научници открија која храна го зголемува ризикот од рак

Read more

Бизнис

Цените на нафтата пораснаа, доларот благо зајакна

Read more

Португалија откри наоѓалиште на нафта во близина на Намибија

Read more

Остар пад на цените на нафтата

Read more

Доларот зајакна петта недела по ред

Read more
 

Вести

Макрон и Идалго ќе пливаат во Сена за да го докажат добриот квалитет на водата за Олимпијадата

Читај повеќе

Кореец уби 76 мачки, почнал да ги мрази оти му го изгребале автомобилот

Читај повеќе

Стејт департмент: Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи

Читај повеќе

Извештај за човекови права во Македонија на Стејт департментот: Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ заедницата и поткопана слобода на изразување

Читај повеќе

Одрони на неколку патни правци

Читај повеќе

Нема да има работни саботи за учениците, МОН донесе нова одлука

Читај повеќе

Уапсен ученик во основно училиште во Влае: Кршел инвентар, физички нападнал соученици и двајца наставници

Читај повеќе

Москва: Западот им го прави на Украинците она што им беше направено на домородните Американци

Читај повеќе

Мотоциклист удрил во пешак на Партизанска, двајцата повредени

Читај повеќе