Ракометарите на Данска ја одбранија титулата светски шампион откако синоќа во финалето одиграно во Стокхолм ја совладаа Франција со 34:29.

Данците водеа од почетокот на натпреварот и во ниту еден момент не им дозволија на Французите да поведат. Неколку пати во првото полувреме имаа предност од 4 гола, а во еден момент водеа и со 5 разлика (12:7).
Сепак, Французите се разбудија на крајот од првото полувреме кога ја намалија предноста и на одмор се замини со 16:15 за Данска.
По паузата Французите успеаја и да израмнат (16:16), но потоа Данците повторно поведоа и постојано одржуваа предност од два-три гола, а немоќнните Французи никако не успеваа да направат поголема и сериозна серија за да ги загрозат своите ривали.
Како што се приближуваше крајот на натпреварот, Данците изгледаа сѐ подобро и подобро, а на крајот без многу драма победија со дури 5 гола разлика, по што следуваше големо славје.
Најдобар во победничкиот тим беше фантастичниот Расмус Лауге кој постигна дури 10 голови, а веднаш зад него беше Симон Питлик со 9. Кај Французите најефикасен беше Недим Ремили со 6 голови, додека Дика Мем постигна 5.
Довербата да го судат големото финале ИХФ им го додели на македонските арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Данска со синоќешната победа трет пат по ред светски првак во ракомет. Шампиони претходно беа на Мундијалите во 2019 и 2021 година. Воедно, ова им се единствените светски шампионски титули, а претходно освоија три сребра и една бронза.
Од друга страна, Французите остануваат најуспешната нација со 6 титули светски шампион. На тоа додадоа второ сребро, што го освоија синоќа, како и 4 бронзи. воедно, пет првенства по ред Франција и во топ 4 на Мундијалите.
Она што го направи Данска, три пати по ред да биде светски шампион, досега не ѝ успеало на никоја друга репрезентација.
Наредниот Мундијал во 2025 година ќе се одржи во три земји, а еден од кодомаќините е и Данска, заедно со Норвешка и Хрватска.