Доза магија во колекцијата „Храбар нов свет“ на АЛШАР
Македонската дизајнерка Силвија Михајловска, која твори под брендот АЛШАР, ја претстави новата колекција за претстојната сезона, инспирирана од серијата „Brave New World“.
„Колекцијата е направена според истоимената книга на Алдус Хаксли, која патем ја имам прочитано уште во средно училиште и ми остави силен впечаток. Тоа ме привлече и да ја гледам серијата бидејќи целата дистописка тема за жал одговара на моментот кој го живееме... Серијата е одлично визуелно доживување и беше директно инспирација за креациите од пролетната Black Label колекција Brave New World“, вели дизајнерката.
Креациите ги карактеризираар елегантни и чисти линии со елементи на сафари доловени преку надворешните џебови. Боите се топли земјени тонови искомбинирани со црна и бела, асоцираат на природа и одлично се комбинираат со додатоци од природни материјали.
Креациите од Black Label се уникатни, што значи дека се прави по едно парче од секој модел, изработено со големо внимание, од природни, висококвалитетни ткаенини како памук и свила.
„Многу ми беше важно во оваа колекција да ги направиме креациите носливи и удобни, почнувајќи од моменталните потреби на нашите клиентки, а сепак да имаат силен дизајнерски печат и да содржат доза на магија која на сите ни е потребна во моментов“, вели Михајловска.
Оваа колекција е надополнета и со полежерни креации под етикетата While Label.
„На мое огромно задоволство, за фотографирањето на фотосесијата соработувавме со Ана Чаловска од ‘Скопје се носи’ и моделот Ана Ежова. Локацијата е Музеј на современа уметност во Скопје. Чевлите се на кумановскиот бренд Boos, а за фризурите се погрижи Маријана Ковачева од фризерското студио Nirvana“, додава дизајнерката зад брендот АЛШАР.