Рускиот истражувачки весник The Insider објави информација за новата луксузна јахта што ја купил рускиот политичар Дмитриј Медведев.

Според податоците на овој медиум, полномошниците на поранешниот руски претседател, а денес еден од најголемите застапници на војната против Западот, Дмитриј Медведев, добиле задача да увезат во Русија јахта од британско производство.
Иако Велика Британија е една од земјите кои Медведев ги нарекува „вечен непријател на Русија“, се чини дека „омразата кон англосаксонците“ како што често вели не важи за јахтите.
„Во Русија пристигна јахтата Hurry Up изградена во бродоградилиштето Princess Yachts во Плимут, Англија. Нејзината цена е околу 4,3 милиони долари“, се наведува.
Според царинските податоци со кои располага The Insider, посредник за испораката на новата јахта била компанијата Marinepoint, а примател бил Фондот за поддршка на Националната поморска програма.
Со овој фонд управува вработен во безбедносната компанија Дмитриј Устратов, кој истовремено ја извршува функцијата генерален директор на JSC IFC Alter. Корисник на Alter е колегата на Медведев, Иља Елисеев, кој е и шеф на Надзорниот одбор на фондот. Елисеев ја игра улогата на управител на имотот на поранешниот претседател.
Оваа јахта не е единствената во возниот парк на поранешниот руски претседател. Во текот на 2023 година му била испорачана јахта GV вредна пет милиони долари, при увозот, во документите едноставно бил наведен капетанот на бродот, Анатолиј Наумов. Меѓутоа, кога му се јавиле новинарите и му се претставиле како царински инспектори, тој признал дека јахтата е за Медведев.
Фондот за поддршка на националните поморски програми, наводно, добил донации од 2,3 милијарди рубли во 2023 година. Сепак, се покажа дека наоѓањето траги од „добротворните“ активности на организацијата било потешко од јахтата што ја купил Медведев.