Живот

Џеф Безос купи имот во Беверли Хилс за рекордни 165 милиони долари

18. февруари 2020 - 18:31 | А.С.

Главниот извршен директор на Amazon, Џеф Безос, плати 165 милиони долари за имот во Беверли Хилс, Лос Анџелес што претходно му припаѓал на холивудскиот могул Дејвид Гефен, објавија CNN и Wall Street Journal.

Ова е рекордна сума платена за живеалиште во реонот на Лос Анџелес досега.

Ова не е единственото парче недвижнина што го има купено најбогатиот човек во светот во Лос Анџелес. Според изворите на CNN, милијардерот веќе дал 90 милиони долари за парцела земјиште во близина на овој имот, преку неговата инвестициска компанија Bezos Expeditions.

Новиот дом на Безос е градба од 30-тите години на 20 век, а ја нарачал Џек Л. Ворнер, ко-основачот на филмската империја Warner Bros.. Се состои од главна куќа и помошни простории со површина од 1.264 квадратни метри, тениско игралиште, базен, голф терен и гаражи со сопствени пумпи за бензин, според текст на списанието Architectural Digest од 1992 година. Гафен го купил имотот во 1990 година за 47,5 милиони долари, што било државен рекорд во тоа време.

Веста за новиот дом на Безос следи откако беше објавено дека милијардерот наводно потрошил 90 милиони долари за да купи три стана – пентхаус апартман и двата стана под него, на Петта авенија во Њујорк.

Безос исто така ја поседува најголемата куќа во Вашингтон која порано била музеј за текстил. Овој имот го купил во 2016 година, наводно за 23 милиони долари.

Можеби за обичните луѓе овие суми се незамисливи, но не и за најбогатиот човек во светот. Според Индексот на милијардери на Bloomberg, Безос во моментов „тежи“ 132 милијарди долари.

Тој се збогати за 13 милјарди долари за 15 минути во почетокот на месецов кога вредноста на акциите Amazon се зголеми за 7%. Безос поседува 12% од компанијата.

Коментирај