CNN објави дека можеби е малку потешко за Американците да најдат работа овие денови, но не во полето со брзорастечки плати и добри бенефиции.
Американскиот пазар на труд е послаб од порано и сѐ уште не е јасно дали дополнително ќе ослабне. Според официјалните владини податоци, во јули годинава бројот на слободни работни места е најмал од јануари 2021 година. Зголемувањето на бројот на работни места е забавено во последните неколку месеци, а минатиот месец беше помалку од очекуваното. Во јули изнесуваше, како што наведе CNN, скудни 89.000.
Но, неколку индустрии им пркосат на овие трендови. Имено, здравствениот сектор и натаму е лидер во креирањето на работни места, но и полицијата зема замав на овој план.
Полициските оддели ширум земјата бараат нови службеници, што дојде по остриот пад на апликантите за полициски работни места и бранот полициски пензионирања што се случи по убиството на Џорџ Флојд во 2020 година. Убиството на Флојд предизвика претпазливост кај оние што размислуваат дали да работат полициска работа.
Просечната плата на еден полицаец пораснала за повеќе од 37% во првите осум месеци од годинава, во однос на истиот период лани, што е показател за големата побарувачка на полицајци. Дополнително, просечната плата на полицаецот се зголемила за 8% од 2022 до 2023 година.
„Полициските оддели се обидуваат да ја направат работата поатрактивна, откако помина низ криза во регрутирањето и задржувањето на полицајците“, рече Џулиа Полак, главен економист во агенцијата за регрутирање ZipRecruiter.
Ангажирањето полициски службеници вклучува неколкумесечна обука, обично платена, како и опсежна проверка на кандидатите.
Полицискиот оддел во Меса, предградие на Феникс, во 2020 година беше погоден од гореспоменатите предизвици. Сепак, тие ја свртеа ситуацијата со зголемување на платите и олеснување на аплицирањето за работа. Понатаму, како стимулативна мерка го вратија доживотното здравствено осигурување. Оваа мерка беше укината во 2009 година, кога споменатата полициска управа беше принудена да направи финансиски кратења.
Ед Весин, помошник началник на полицискиот оддел Меса, рече дека оваа мерка е она што тие веднаш го нагласуваат при интервјуирање на кандидати за работа. Тврди дека тоа привлекло многу повеќе луѓе отколку соседните полициски оддели.
Смета дека луѓето бараат сигурна работа во јавниот сектор, што важи и за работното место полицаец, секогаш кога економијата е во тешка ситуација.
Трансферите од војска во полиција стануваат сѐ почести. Податоците од Hire Heroes USA, непрофитна организација за ангажирање воени ветерани и нивните сопружници, покажуваат дека безбедносниот сектор бил еден од најдобрите за споменатата популација. Всушност, сѐ повеќе ветерани се вработуваат во полициските сили. Има уште една причина зошто е тоа така, а таа причина се бонусите.