Иако застанаа на страната на украинскиот претседател Володимир Зеленски по неговиот конфликт со Доналд Трамп во Овалната соба, ставот на европските лидери кон војната во Украина и безбедноста на континентот сè уште во голема мера зависи од американскиот претседател.
И покрај симпатиите кон Зеленски и гневот за начинот на кој Трамп се однесуваше кон него, европските лидери не гледаат начин да постигнат мир во Украина или да ја заштитат Европа од Русија без американска поддршка. Овој став ја одразува суровата реалност за Европејците дека американската воена моќ е значително поголема од сè што тие можат да понудат, дури и кога брзо се обидуваат да ги зголемат издвојувањата за одбрана и ветуваат дека ќе преземат поголема одговорност за сопствената безбедност.
Може ли Европејците и понатаму да се потпираат на таа моќ, како што тоа го правеа со децении, е егзистенцијално прашање не само за Украина туку и за безбедноста на континентот и НАТО алијансата. Дури и по јавниот укор на Трамп кон украинскиот претседател, европските лидери се придржуваат до истата стратегија што ја спроведуваат откако американскиот претседател го започна својот втор мандат. Истото важи и за Украина и пошироката европска безбедност: задржување на американската ангажираност, додека истовремено се зајакнуваат европските напори во одбраната.
„Дали го сметаме Володимир Зеленски за важен борец на отпорот, херој? Одговорот е ‘да’. Дали треба да судиме или да морализираме? Тогаш одговорот е ‘не’“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за Radio RTL во понеделникот.
Европската стратегија беше видлива на неделниот состанок на лидерите во Лондон, а веројатно ќе се повтори и на самитот на Европската унија за Украина и одбраната во четврток во Брисел. Лидерите, вклучително и челникот на НАТО Марк Руте, го повикаа Зеленски да најде начини за обновување на врските со Трамп. Британскиот премиер Кир Стармер, кој изјави дека Европа е подготвена да ја преземе поголемата улога во обезбедувањето гаранции за безбедноста на Украина по мировниот договор, сепак нагласи дека ќе им биде потребна „силна американска поддршка“, која Трамп засега не ја ветил.
Некои се сомневаат во веројатноста за успех на таквата стратегија со оглед на однесувањето на Трамп кон Зеленски и неговите брзи потези насочени кон подобрување на американските односи со Русија.
„Ми се чини дека тие сè уште целосно не прифатиле дека Трамп едноставно не сака да ја игра улогата што Европејците му ја наменија“, изјави Јана Пуглиерин, челничка на берлинската подружница на тинк-тенкот Европски совет за меѓународни односи. „Никаква ‘силна американска поддршка’ нема да се материјализира“, напиша таа на социјалната мрежа X коментирајќи ги изјавите на Стармер.
Сепак, европските функционери сметаат дека немаат друг избор освен да продолжат да се обидуваат, иако некои од нив приватно се бесни поради начинот на кој Трамп се однесуваше кон Зеленски. Еден висок функционер по расправијата изјавил: „Доналд Трамп мора да одлучи дали сака себеси да се нарекува лидер на слободниот свет или лидер на рекетарска банда. Второто не ја интересира Европа.“ Некои други инциденти ги нарекле „срамни“.
Но Питер Манделсон, британски амбасадор во Соединетите Американски Држави, изјави дека е потребно повторно започнување на украинско-американските односи бидејќи иницијативата на Трамп за завршување на војната е „единственото шоу во градот“.

За украинските сојузници во Европа едно од клучните прашања е продолжувањето на испораките на американско оружје, кои беа одобрени за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден. Но функционер од Белата куќа во понеделникот изјавил дека Соединетите Држави ја запираат воената помош за Украина додавајќи дека тоа не е „траен прекин на помошта, туку пауза“.
Според НАТО, САД обезбедија повеќе од 20 милијарди евра помош за безбедноста на Украина во 2024 година, што е повеќе од 40 проценти од вкупната помош што Киев ја добил. Американската поддршка не се состои само од муниција и оружје – како артилериски гранати до системи за противвоздушна одбрана – туку вклучува и разузнавачки податоци, обука и друга помош што Европејците тешко би можеле сами да ја надоместат.
Долгорочно гледано, европските лидери велат дека ќе им биде потребна поддршка од нивниот сојузник и суперсила САД дури и ако испратат свои војници во Украина како дел од мировен договор. Вашингтон јасно кажал дека нема да распореди свои трупи внатре во земјата. Тоа би значело дека американските сили треба да бидат подготвени да интервенираат доколку Русија нападне Европа.
„Русите треба да знаат дека ќе им одговараат како пред Соединетите Држави така и пред Европејците“, изјавил Манделсон за ABC News во неделата. Европската зависност од САД е уште поголема кога станува збор за сопствената безбедност внатре во НАТО алијансата. Десетици илјади американски војници се распоредени низ базите низ континентот, а САД обезбедуваат низа „воени капацитети“ со кои Европа моментално не може да се спореди – почнувајќи од дополнување гориво при лет до огромниот нуклеарен чадор.
Европејците засега мораат да бидат задоволни со изјавите на администрацијата на Трамп дека остануваат посветени кон НАТО алијансата. Но исто така велат дека НАТО мора значително да се промени и Европејците мора да имаат многу поголема улога.
„Знаеме дека очекуваат од нас да преземеме поголема одговорност за европската безбедност и мораме да бидеме подготвени за тоа“, изјавил висок европски функционер.