Како мажите и жените го доживуваат 8 Март? Дали на Македонија ѝ е потребен феминизам? Дали жените би работеле типично „машки“ професии за да ја задржат финансиската самостојност? Дали на мажите би им пречело ако нивната партнерка заработува повеќе од нив?
Ова се дел од прашањата опфатени во истражувањето на ДИЈАЛОГ Центарот за делиберативна демократија од Прилеп „8 Март и родовата рамноправност во Северна Македонија“, спроведено преку онлајн анкета од 8 март до 8 мај годинава, на 601 испитаник.
На годината кога светот се соочи со невидена здравствена криза ѝ претстоеше година во која видовме силен бран на феминистички движења ширум светот кои ги поместија општествените слоеви од нивната удобност и ги поставија непријатните прашања за позицијата на жената во општеството на глобално и на локално ниво.
Движењата како #MeToo, #IAmWithHer, #СегаKажувам, #UnDiaSinMujeres и други како никогаш досега го одекнаа женското прашање и продолжија да одекнуваат и во 2020 година. Токму во овој бран беше спроведено и истражувањето на авторките Јосипа Ризанкоска (уредничка на изданието и претседателка на ДИЈАЛОГ) и Александра Спасеска (новинарка и член на ДИЈАЛОГ) кое го почувствува пулсот на феминизмот во земјава, преку истражување кое се состои од три главни дела: 8 Март (поимање и начини на негово одбележување), Состојбата со родовата рамноправност во повеќе општествени сфери и Семејството и родовата рамноправност.
Во извештајот објавен денеска, авторките како еден од генералните заклучоци го нагласуваат фактот дека „и покрај дебатата на социјалните мрежи за тоа дали празникот треба да се одбележува на чајанка или на марш, генералниот заклучок е дека многу малку жени (а уште помалку мажи) го одбележуваат празникот на еден од овие два начина.“
„ По подарувањето цвеќе следи одговорот ‘секојдневно придонесувам за рамноправноста на жената’, што нѐ води до заклучокот дека иако највисок процент на испитаници (повеќе од 40%) го доживуваат 8 Март како ден за одбележување на историската борба на жената за рамноправност, следен одговор (со 18% и тоа поголем процент жени од мажи) одговориле дека празникот го доживуваат како обичен ден во годината, а мажите сѐ уште го доживуваат празникот како ден на мајката и на понежниот пол“, велат тие во заклучоците од анкетата во која скоро 30% од испитаниците се мажи, а 70% се жени.
Во анкетата спроведена онлајн мажите покажале значително помал интерес на темата од жените.
Резултатите од анкетата чиј примерок oсвен повисок процент жени, покажа наклоност кон повисокообразовани, млади, вработени, и домаќинства во кои работат и двајцата партнери, покажаа дека нешто поголем процент на мажи отколку жени мислат дека на Македонија ѝ е потребен феминизам, што е интересен заклучок, имајќи ги предвид одговорите поврзани со постоечката рамноправност во законодавството, праксата, економијата, домаќинството и религијата.
„Најзначителна разлика (каде мажите мислат дека постои рамноправност, а жените не) се појавува во перцепциите за рамноправноста во грижата за домаќинството, а потоа и во одгледувањето на децата, што ја загатнува дилемата за причините за бавниот напредок на постигнување родова рамноправност во државата“, заклучуваат авторките.
Скоро 62% од испитаниците веруваат дека мажите и жените во Македонија се рамноправни пред законот, 30% мислат дека не се рамноправни, а остатокот од испитаниците не знаат. Од мажите 77,5% одговориле позитивно, а од жените 55,9%. Со тоа, разликата, помеѓу тие мажи што веруваат дека мажот и жената се рамноправни пред законот и тие што не веруваат е појасно изразена (75% наспроти 21,5%) отколку кај жените, каде 33,9% веруваат дека не постои рамноправност пред законот, а 55,9% дека постои.
Сепак, дури 50,75% веруваат дека жените не се фактички рамноправни со мажите, каде разликите помеѓу двете групи се слични кај мажите и жените, но во обратен правец. Имено, кај мажите скоро 57% веруваат дека постои фактичка рамноправност, а нешто повеќе од 58% од жените веруваат дека не постои.
Блиску до 70% од испитаниците не веруваат дека мажите и жените се економски рамноправни (во плата, имот, наследство), со тоа што од нив 40% се мажи а 60% жени.
Половина од испитаниците сметаат дека жените во државава имаат исти шанси за напредување во работното место со исто квалификувани мажи, но разликата помеѓу мажите и жените во однос на одговорот на ова прашање е уште повидлива. 66% од мажите сметаат дека жените имаат исти шанси за напредување во работното место со исто квалификувани мажи, а скоро 60% од жените сметаат дека немаат.
Во поглед на родовата рамноправност во извршувањето на домашните обврски, сликата е јасна кај жените испитани во анкетата - 85% веруваат дека не постои, а 10% веруваат дека постои. Кај мажите сликата е помалку јасна, а процентите се поизедначени. Имено, 51% веруваат дека не постои, а 44% дека постои рамноправност во извршувањето на домашните обврски.
Во однос на одгледувањето на децата, повеќето од испитаниците (68,2%) веруваат дека рамноправност не постои, каде повторно кај жените голем дел сметаат дека не постои (77,4%), а помал (17,2%) дека постои, додека кај мажите повторно е доста изедначено (иако незначително во полза на позитивниот одговор (47,5% - да, 46,3% - не). Нешто повеќе од половина од испитаниците (52%) мислат дека мажот и жената се рамноправни пред нивната религија, со нешто повеќе мажи од жени кои така сметаат (63% од мажите наспроти 47% од жените).
Тесна е разликата помеѓу тие што мислат дека жените во државава за исти работни места се исто платени со мажите (43,9% не, 40,4% да). Сепак, поголем дел од мажите (58%) сметаат дека мажите и жените се исто платени за исти работни места, додека 50% од жените сметаат дека не се.
Во поглед на прашањето дали жените од малцинствата се помалку интегрирани во општеството од Македонките, 53% од испитаниците сметаат дека тоа е така. Одговорите по род се скоро идентични: 52% од мажите и 54% од жените сметаат дека Македонките се повеќе интегрирани од жените од малцинствата.
„Иако генерален одговор е дека во породилното отсуство треба да им се додели на двата родители подеднакво, жените покажуваат нешто поголема наклонетост кон овој одговор од мажите кои, сепак, во повисок степен би ѝ го доделиле породилното отсуство на мајката, па на таткото“, заклучуваат Ризанкоска и Спасеска.
Во поглед на жените во „машки професии“ и домаќинства во кои жената заработува повеќе од мажот, резултатите се повеќе од интересни.
Додека 91% од жените би работеле за да ја одржат својата финансиска самостојност и во случај кога партнерот комотно може финансиски да ги издржува нив (и децата), 48% од мажите одговориле дека не би работеле и би се грижеле за домот и децата (или би се посветите на некоја општествено полезна работа или хоби) доколку партнерката би можела комотно финансиски да го издржува него (и децата). 44% од мажите сепак би работеле.
На прашањето „Доколку партнерката заработува повеќе од Вас дали тоа би ја намалило вашата самодоверба?“, 89% од мажите испитаници одговориле со „не“, додека 4% одговориле со „да“ и 7% со „не знам“.
Патријархалните традиционални општествени норми (со 62%), постоечките стереотипи за биолошките разлики помеѓу мажите и жените (со 49%) и неподготвеноста на образованието за обработка на родови прашања (15%), се трите највлијателни фактори за бавното придвижување на рамноправноста на жената во државава. Мажите, сепак појавуваат повисок степен на убеденост од жените дека движењето за рамноправност не е бавно (22% мажи наспроти 7% жени), дека жените не сакаат рамноправност (9% мажи наспроти 3,5% жени) и дека големото присуство на религијата во животот на жената (9% мажи наспроти 4,3% жени) е причина за бавниот процес на постигнување родова рамноправност.
Истражувањето на Ризанкоска и Спасеска дава одговори на генерални прашања кои долго време остануваа без одговор на темите феминизам и родова рамноправност во Македонија, додека истовремено отвори нови теми на размислување во поглед на поспецифични дилеми од чие одгатнување би тргнале вистинските, суштински промени во насока на опиплива родова рамноправност и недвосмислено идентификување со терминот „феминист“, односно „феминистка“.
Целосниот извештај може да го прочитате и преземете ТУКА.