Финска од утре останува без руски гас, Русија ја запре испораката поради плаќањето во рубли, пренесе BBC.

Од 21 мај „Гаспром“ ќе престане со испорака на гас, соопшти финската енергетска компанија „Гасум“. Финците известија дека руската компанија покрена арбитражна постапка по договорот за снабдување со гас, поради барањето за плаќање во рубли.
Москва од 1 април почна да прима плаќање во рубли од „непријателските држави“. Рускиот претседател Владимир Путин појасни дека одбивањето во плаќање во руска валута се смета за неисполнување на обврските во договорот.
„Гаспром“ од 27 април го запре извозот на гас во Бугарија и во Полска поради неплаќање.
Истовремено, компанијата предупреди дека ќе го намали транзитот и кон други држави.
Финската компанија соопшти дека почнувајќи од сабота, „Гасум“ корисниците ќе ги снабдува со природен гас од други извори преку гасоводот „Балтикконектор“ за време на претстојната летна сезона.