Активистката против климатските промени Грета Тунберг и најмладата добитничка на Нобелова награда за мир Малала Јусуфзаи вчера се сретнаа за првпат на Универзитетот Оксфорд во Велика Британија.
Двете исклучителни девојки разговараа за својот активизам и на студентите им пренесоа важни пораки. Нивната заедничка фотографија е историска, бидејќи и двете се сметаат за вистински пример за младите ширум светот.
Тунберг ја посети Јусуфзаи која на Оксфорд студира философија, политика и економија.
„Таа е единствената пријателка за која би избегала од час“, напиша Малала на Twitter.
17-годишната Швеѓанка која го почна движењето Fridays For Future рече дека Јусуфзаи ѝ е пример.
Малала Јусуфзаи е 22-годишна Пакистанка и најмладата добитничка на Нобелова награда за мир (2014 година), позната по нејзиниот активизам за правата на девојчињата и правото на образование. Пред речиси осум години Талибанците се обидоа да ја убијат додека одеше на училиште. Ѝ пукаа во глава, но Малала успеа да преживее и да замине од Пакистан.
Двајца шведски политичари во почетокот на месецов ја номинираа Тунберг за Нобелова награда за мир за 2020 година. Ова е втора номинација за оваа награда за шведската тинејџерка која се бори против климатските промени и активно работи на кревање на свесноста за последиците од загадувањето.
Јенс Холм и Хакан Свенелинг, членови на Левичарската партија, рекоа дека ја номинирале Тунберг поради „нејзините напори да ги натера политичарите да ги отворат очите и да не бидат слепи за климатската криза“, како и за нејзините напори „за намалување на емисиите на штетни гасови согласно Парискиот климатски договор“ кои тие ги сметаат за „дела кои придонесуваат за мирот“.