Фотоприказна: Аргентина во солзи се збогува од „богот“ Марадона
Марадона почина завчера во неговиот дом во Тигре, а прелиминарниот извештај за обдукцијата вели дека легендарниот фудбалер му подлегнал на акутниот оток на белите дробови предизвикан од хронична срцева слабост. Конечниот резултат од обдукцијата ќе биде објавен по токсиколошки и хистопатолошки тестови.
Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез прогласи тридневна жалост за смртта на Марадона, кој почина 26 дена откако го прослави 60-тиот роденден. На 11-ти месецов беше пуштен од болница откако му беше извршена операција за отстранување на крв од мозокот. Тој и порано имаше проблеми со здравјето, а во 2000 година за малку избегна смрт кога поради последици од консумирањето кокаин срцето за малку не му застана.
Диего Марадона е роден на 30 октомври 1960 година во Буенос Аирес. На својата Аргентина ѝ ја донесе титулата светски шампион на Мундијалот 1986 година во Мексико. Одигра 91 натпревар за националниот тим и постигна 34 погодоци. Тој учествуваше на дури четири светски шампионати: во 1982 година во Шпанија, 1986 година во Мексико, 1990 година во Италија и 1994 година во САД.
Имаше и бурна кариера играјќи за Архентинос Жуниорс, Бока Жуниорс, Барселона, Наполи, Севиља и Њуел'с Олд Бојс.