Македонската фудбалска репрезентација денеска е во исчекување на уште една жрепка, овој пат за Лигата на нации.
Како што е познато, согласно резултатите од минатата сезона, Македонија остана во Лигата Ц и тоа помеѓу второпласираните.
Тоа значи дека на денешната жрепка е сместена во Барабанот 2 и не може да се падне во иста група со Грција, Белорусија и Луксембург. Од најсилниот барабан за противник ќе добие некоја од репрезентациите кои испаднаа од Лигата Б, а од останатите два барабана ќе добиеме условно кажано послаби противници.
Можни противници на Македонија од трите барабани:
Барабан 1: Турција, Словачка, Бугарија, Северна Ирска
Барабан 3: Литванија, Грузија, Азербејџан, Косово
Барабан 4: Гибралтар, Фарски Острови, Казахстан/Молдавија, Кипар/Естонија
Две репрезентации од Барабанот 4 не се познати. Се работи за последнопласираните од Лигата Ц кои треба да одиграат бараж натпревари во март за да одлучат кои две ќе испаднат во Лигата Д, а кои ќе изборат опстанок во Ц. Двојките се Казахстан против Молдавија и Кипар против Естонија.
Од можните противници нашата репрезентација досега ниту еднаш се нема сретнато само со две репрезентации и тоа Северна Ирска и Фарски Острови со кои немаме одиграно ниту квалификациски ниту пријателски натпревари. Немаме играно ни со Грција, но оваа репрезентација нажалост е во ист барабан со нас и не може да бидеме извлечени во иста група.
Во првата сезона од Лигата на нации Македонија успеа да избори историски пласман на ЕУРО. Дали оваа нова сезона ќе биде на ист начин поврзана со Европското првенство, сѐ уште не се знае бидејќи УЕФА допрва треба да го одреди форматот за квалификување на ЕУРО 2024 кое ќе се одржи во Германија.
Сезоната 2022/23 ќе се игра во јуни и септември нареднава година и тоа со првите четири кола од 2 до 14 јуни и последните две кола од 22 до 27 септември.
Директен пренос од жрепката ќе оди на веб-страницата на УЕФА.