Мобилната игрица што го полуде светот се враќа на голема врата. Flappy Bird повторно е тука, но само ако имате Android телефон.

Flappy Bird, гејмерската сензација што ги освои екраните на паметните телефони пред повеќе од една деценија и стана вирален феномен, официјално се враќа. Достапна е за преземање почнувајќи од денес, исклучиво за корисници на Android телефони и исклучиво преку мобилната верзија на Epic Games Store.
Оригинално дело на Донг Нгуен, Flappy Bird прв пат беше објавена во 2013 година и стана позната благодарение на нејзината фрустрирачки едноставна, но екстремно заразна механика. Игрицата беше повлечена од продавниците за апликации во 2014 година, на врвот на својата популарност, но сега се враќа под покровителство на Flappy Bird Publishing, со цел да разбуди носталгија кај старите фанови и да привлече нови играчи.
Џон Дејвид од Flappy Bird Publishing ја објасни одлуката игрицата да биде достапна само на платформата на Epic: „Epic има попријателска средина за програмери и ги става играчите на прво место. Flappy Bird се врати - и оттука само ќе расте“.
Секако, многумина не можеа да пропуштат и веќе ја испробаа новата Flappy Bird, особено затоа што носи некои подобрувања во споредба со оригиналната верзија.
Она што не се променило по сите овие години е гејмплејот, кој сè уште се сведува на допирање со еден прст и добар тајминг.

Исто така, постои и класичен (Classic) режим на играње, познат по предизвикувачките премини низ бесконечни редови цевки. Единствената цел во овој режим, поради што се заљубивме во Flappy Bird, беше птицата да лета што е можно подолго и да се обидеме да го срушиме нашиот претходен рекорд.
Сепак, додаден е и сосема нов Quest режим, кој носи мисии, светови со различни теми и прогресивно потешки пречки. Играчи што ја пробале новата верзија велат дека имале 5 света со по 5 нивоа, но развивачот тврди дека овој број ќе се зголемува со текот на времето и дека во иднина ќе се појават нови ликови.
Flappy Bird е бесплатна, но има некои артикли достапни за купување во продавницата во игрицата. Задоволството да не се гледаат реклами (кои не се чести, но се на цел екран) чини 2,99 долари, а плаќате и за кациги - додаток што ѝ овозможува на птицата да преживее удар од цевка. Во зависност од бројот на кациги, ќе треба да платите помеѓу 0,99 и 19,99 долари.

Flappy Bird е достапна за сите паметни телефони што работат со Android 6.0 или понова верзија. Сепак, игрицата нема да ја најдете на Google Play Store, туку исклучиво на мобилната верзија на Epic Games Store.
За да ја инсталирате на вашиот телефон, прво треба да ја преземете Epic Games Store, да создадете сметка, а потоа да ја пронајдете игрицата Flappy Bird на оваа мобилна платформа за игрици. Не дозволувај да ве мрзи, бидејќи Epic редовно подарува игрици кои вообичаено се плаќаат.
За жал, ако поседувате iPhone заборавете на Flappy Bird - барем засега.