Компанијата SpaceX, во сопственост на американскиот милијардер Илон Маск, започна да обезбедува бесплатна сателитска интернет услуга Starlink во Иран.
Извршниот директор на американската организација Holistic Resilience Ахмад Ахмадијан потврди дека претплатата за Starlink е укината и изјави дека ќе обезбеди пристап до интернет без плаќање за корисниците кои веќе поседуваат приемници.
Во исто време, овие тврдења беа потврдени од извори на Bloomberg, додека SpaceX не одговори на прашањата.
Достапноста на Starlink во Иран, како и во други кризни подрачја, укажува дека оваа брзорастечка интернет услуга станала средство за „мека моќ“ и за најбогатиот човек во светот и за американската влада, според Bloomberg.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повика Иранците да продолжат со своите протести и претходно апелираше до Starlink да помогне во обновувањето на комуникациите.
„Можеби ќе разговараме со Илон бидејќи, како што знаете, тој е многу добар во такви работи. Има одлична компанија“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека планира да му се јави на Маск.
Маск претходно обезбедуваше бесплатен Starlink во геополитички кризи бидејќи сателитите на таа мрежа им обезбедуваа интернет на граѓаните и армијата на Украина од почетокот на руската инвазија, додека во јануари беше објавено дека услугата ќе им биде обезбедена бесплатно и на граѓаните на Венецуела по апсењето на претседателот Николас Мадуро.
Иако приемниците на Starlink се забранети во Иран, голем број уреди се шверцувани во земјата, се проценува повеќе од 50.000.
Според податоците од NetBlocks, организација која ги следи интернет врските, целосниот прекин на интернетот во Иран трае веќе петти ден, оставајќи милиони луѓе без пристап до онлајн услуги.
Протестите во Иран започнаа на 28 декември минатата година поради девалвацијата на локалната валута, иранскиот риал.
По повикот на Реза Пахлави, синот на последниот шах на Иран, протестните маршеви се интензивираа низ целиот Иран, а истиот ден, 8 јануари, интернетот беше исклучен.
Во неколку ирански градови, протестите се претворија во судири со полицијата и беа придружени со скандирања против иранскиот политички систем.
Беше објавено дека имало жртви и меѓу безбедносните сили и меѓу демонстрантите.
Reuters вчера објави дека Иран признал околу 2.000 смртни случаи за време на двонеделните протести низ целата земја предизвикани од падот на животниот стандард и економските тешкотии.
Иранските власти, обвинувајќи ги САД и Израел за организирање на немирите, на 12 јануари објавија дека ситуацијата е ставена под контрола.