Врховниот суд на САД, со 6 гласа за и 3 против, го потврди тексашкиот закон кој се однесува на верификација на порно сајтовите.
Законот со ознака HB 1181 може да има широки импликации врз слободата на говор на интернет, а конкретно бара од веб-сајтовите кои имаат содржина за возрасни да имплементираат проверка на возраста на корисниците.
Непрофитната организација Free Speech Coalition, која ја претставува индустријата за возрасни, поднесе жалба до Врховниот суд во април 2024 година барајќи преиспитување на законот, пренесува Engadget.
Тексас е само една од многуте држави кои донесоа закони за проверка на возраста насочени кон порно сајтовите, а поради слични прописи Pornhub се повлече од 17 американски држави.
Критичарите од двете страни на политичкиот спектар истакнаа дека HB 1181 има загрижувачки импликации за Првиот амандман и приватноста на интернет.
Организацијата EFF (Electronic Frontier Foundation) напоменува дека не постои метод за проверка на возраста кој е истовремено прецизен и ја почитува приватноста на корисниците. За разлика од покажување лична карта во живо, онлајн верификацијата бара задржување на податоци.
Законот HB 1181 пропишува дека сајтовите чиишто најмалку „една третина“ од содржината претставува „материјал штетен за малолетници“ мора да воведат проверка на возраста. Проверка на возраста се применува на сите корисници кои ги посетуваат овие сајтови и се однесува на целиот сајт, а не само на деловите со содржина за возрасни.
Дополнителна загриженост е што експертите сметаат дека проверката на возраста е главно неефикасна. На крајот, дури и оние тинејџери кои не се запознаени со VPN-ови лесно можат да научат како да ги користат, па ќе биде многу тешко да се примени овој закон така што навистина ќе дојде до некакви промени.