Новооткриениот астероид 2026 JH2 денес ќе помине многу блиску до Земјата, а преминувањето ќе може да се гледа во живо преку интернет благодарение на Virtual Telescope Project.
Се проценува дека астероидот, кој беше откриен на 10 мај како дел од астрономската програма Mount Lemmon Survey во Аризона, САД, е со дијаметар помеѓу 16 и 35 метри, што е приближно со големина на возрасен син кит или фудбалско игралиште.
Астероидот ќе биде најблиску до Земјата денеска во 17:23 часот по Гринич, кога ќе помине на растојание од околу 91.000 километри, или приближно 24 проценти од просечното растојание помеѓу Земјата и Месечината. Ќе се движи со брзина од повеќе од 31.000 километри на час.
Експертите нагласуваат дека нема опасност од удар ниту за Земјата ниту за Месечината, објавува BBC.
Преносот во живо ќе започне денес во 19:45 часот по Гринич на YouTube каналот на Virtual Telescope Project, под услов временските услови во Италија да бидат поволни, пишува порталот Space.
Преносот можете да го гледате овде:
Основачот на проектот Џанлука Маси објасни дека астероидот ќе биде многу брз во споредба со позадината на ѕвезденото небо за време на набљудувањето, но напредните телескопи ќе го следат прецизно.
„Ќе го гледаме како остра точка светлина што се движи меѓу ѕвездите, додека ѕвездите ќе остават долги траги додека го следат астероидот“, изјави Маси за Space.com.
Иако астероидот не може да се види со голо око, за време на неговото најблиско приближување ќе биде доволно светол за да биде снимен од телескопите лоцирани во Манчијано, Италија.
Астероидот 2026 JH2 е класифициран како астероид што доаѓа близу до Земјата. Ваквите објекти редовно минуваат релативно блиску до нашата планета, но повеќето не претставуваат никаква закана.