Болница во Барселона вчера соопшти дека медицински тим извршил револуционерна трансплантација на лице, прва во светот во која донор го понудил своето лице пред да се подложи на асистирано умирање. Сложената процедура е извршена во престижната болница Вал д'Хеброн во текот на есента 2025 година, но точниот датум не е откриен за да се заштити приватноста, пишува Reuters.
Пациентката, идентификувана само како Карме, страдала од некроза на ткивото на лицето предизвикана од бактериска инфекција по убод од инсект. Состојбата ѝ го отежнувала зборувањето, јадењето и гледањето. На прес-конференција во понеделникот, таа изјави дека се опоравува многу добро.
„Кога се гледам во огледало дома, се чувствувам како повторно да почнувам да изгледам како себеси“, рече Карме. За вакви процедури, кои бараат трансплантација на лице, потребно е донорот и примателот да бидат од ист пол, од иста крвна група и да имаат слична големина на главата.
Операцијата вклучуваше трансплантација на комплексно ткиво од центарот на лицето, а во неа учествуваа околу стотина специјалисти, вклучувајќи психијатри и имунолози. Координаторката за трансплантација на болницата, Елизабет Навас, рече дека донаторот покажал „зрелост што ве остава без зборови“.
„За некој што решил да го заврши својот живот, да му посвети една од своите последни желби на целосен странец и да му даде втора шанса како оваа е навистина неверојатно“, рече Навас.
Шпанија, со население од 49,4 милиони, е светски лидер во трансплантацијата на органи повеќе од три децении. Покрај тоа, во 2021 година стана четвртата земја во Европската Унија што ја легализираше еутаназијата. Според владини бројки, 426 лица добиле асистирано умирање во 2024 година.
Половина од шесте трансплантации на лице извршени некогаш во Шпанија биле изведени од персоналот на болницата Вал д'Хеброн. Во 2010 година, таа каталонска болница ја изврши првата целосна трансплантација на лице во светот. Минатата година во Шпанија беа извршени околу 6.300 трансплантации на органи, а најчести беа трансплантациите на бубрези, според податоците од Министерството за здравство.