Минијатурни човечки органи и ткива наскоро ќе бидат одгледувани од клетки на пациенти на британскиот Национален здравствен систем (НХС) во историски обид да се подобри тестирањето за лекови и драстично да се намали бројот на животни што се користат во медицинските истражувања.
Научниците ќе користат колекции на ткива, познати како „органоиди“, за да откријат зошто одредени болести се манифестираат различно кај различни пациенти. Ова ќе им помогне да утврдат кои третмани се најдобри за одредени луѓе, врз основа на специфичната патологија што лежи во основата на нивната состојба.
Овој потег означува големо отстапување од традиционалната употреба на животни како модели за човечки болести. Истражувачите веруваат дека тестовите директно базирани на човечкото ткиво се многу поточни и посигурни.
„Ова ќе има огромно влијание врз бројот на животни што се користат и начинот на кој развиваме нови лекови во иднина“, рече Матиас Зилбауер, професор по гастроентерологија на Институтот за матични клетки во „Кембриџ“.
Нагласи дека ова не значи дека тестирањето врз животни ќе биде целосно напуштено во блиска иднина, пишува Guardian.
Научниците одгледуваат колекции од човечки органи повеќе од една деценија. Досегашните тестови покажаа дека парчињата ткиво помали од милиметар можат верно да ги одразат клучните карактеристики на органите во полна големина, вклучително и како тие реагираат на болести и лекови.
Историски гледано, повеќе од 90% од лековите што поминуваат тестирање на животни завршуваат неуспешно на клиничките испитувања кај луѓето, сериозно доведувајќи ја во прашање вредноста на ваквите тестови.
„Многу човечки болести или не се јавуваат кај животните или се јавуваат на сосем различни начини. Сакаме тестови што можат да ни кажат кои третмани функционираат кај кои пациенти, а глувците едноставно не можат да ни го кажат тоа“, објаснува професорот Зилбауер.
Новиот проект, кој ќе се спроведува во истражувачки центар во „Кембриџ“, е финансиран со 20 милиони фунти од Советот за медицински истражувања. Целта е да се создаде библиотека од стандардизирани органоиди што ќе им биде достапна на академијата и фармацевтската индустрија.
Минатата година во Обединетото Кралство биле спроведени 2,54 милиони тестови на животни (пад од 3,8% во однос на претходната година). Иако глувци, стаорци, риби и птици се користат во 90% од случаите, загрижувачки е фактот што посебно заштитени видови како кучиња, мачки, коњи и мајмуни се користат во 1% од случаите.