Често се вели дека ништо не може да патува побрзо од брзината на светлината, но технички тоа не е сосем точно.
Како што објаснил Алберт Ајнштајн уште во 1905 година, информациите не можат да патуваат побрзо од светлината. Сепак, нешто што нема маса и не носи никакви информации би можело, барем теоретски, да ја надмине оваа космичка граница, како што е самата „темнина“.
Секако, меѓународниот тим научници, предводен од истражувачи од „Technion “ (הטכניון), Израелскиот институт за технологија во Хаифа, не ја мерел директно темнината, односно отсуството на фотони. Наместо тоа, се фокусирале на т.н. темни точки во рамките на светлосните бранови. Ова се места во брановата структура каде што амплитудата паѓа на нула и често се нарекуваат „нулти точки“. Во суштина, тие се целосно темни точки во рамките на светлосно поле.
Овие точки формираат феномени познати како вртлози. Научниците ги опишуваат како слични на виор во река што може да го совлада текот на водата, каде што нивната брзина технички може да ја надмине брзината на светлината. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Nature.
„Теоријата долго време предвидуваше дека оптичките сингуларитети можат да покажат суперлуминално движење, особено во моменти блиску до нивното појавување или исчезнување, кога нивните брзини можат да станат неограничени“, пишуваат авторите на студијата. „Ја следевме ултрабрзата динамика на овие феномени со исклучително прецизна просторна и временска резолуција, што ни овозможи да го набљудуваме нивното забрзување во клучни моменти.“
Докажувањето дека темнината може да се „меша“ со светлината не било лесно и барало специфичен микроскопски систем. Со напредна ласерска технологија и специјализиран оптомеханички систем, истражувачите собрале податоци со висока прецизност. Експериментот, исто така, вклучувал тенок слој од хексагонален бор нитрид, материјал во кој светлината се претвора во т.н. поларитонски бранови, кои се комбинација од светлина и материја. Во оваа форма, брзината на светлината е намалена за околу сто пати во споредба со патувањето низ вакуум, иако е сепак значително побрза од брзината на звукот.
Во оваа состојба „темните вртлози“ можат да ја надминат брзината на светлината.
„Нашето откритие открива универзални закони на природата што важат за сите видови бранови, од звучни бранови и флуидни текови до сложени системи како суперспроводници“, рече Идо Каминер, еден од водечките автори на студијата од „Technion“. „Веруваме дека овие напредни микроскопски техники ќе ни овозможат да проучуваме скриени процеси во физиката, хемијата и биологијата и за прв пат да покажеме како се однесува природата во своите најбрзи и најнејасни моменти.“