Од Земјата ќе можеме да видиме спектакл на Месечината каков што се случува еднаш на 5000 години

Нова анализа, објавена неодамна на платформата arXiv, покажа дека астероидот 2024 YR4, познат како „убиец на градови“, во 2032 година може да удри во Месечината и притоа да предизвика спектакл каков што се случува еднаш на 5000 години.

Новите симулации покажуваат дека ако овој астероид за седум години удри во Месечината, може да ја засипе Земјата со фрагменти налик на куршуми, што би можело да предизвика спектакуларен метеорски дожд, но и да ги загрози сателитите во орбитата околу нашата планета.

Веројатноста за удар на 2024 YR4 во Месечината расте

2024 YR4 е потенцијално опасен астероид со дијаметар од околу 60 метри, што е доволна големина да уништи цело урбано подрачје ако директно ја погоди Земјата. Затоа е наречен „убиец на градови“.

Откриен е на 27 декември 2024 година, и кратко време се сметал за закана за Земјата. Првично, веројатноста за негов удар во нашата планета во 2032 година дури пораснала од околу 1% на 3,1%. За среќа, понатамошните набљудувања го исклучиле овој ризик, кој сега изнесува само 0,004%.

Но, според поновите проценки на НАСА, базирани на податоци од вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST), веројатноста за негов удар во Месечината пораснала и сега изнесува 1 спрема 23.

Планетарниот научник д-р Ендру Ривкин од Универзитетот Џонс Хопкинс во Мериленд изјави во април дека „од самиот почеток постоеше можност за удар во Месечината“.

„Но, таа првично беше помала бидејќи Земјата беше поголема мета. Како што се подобруваа пресметките на неговата орбита, позицијата се оддалечуваше од Земјата, но се приближуваше до Месечината. Во моментов постои речиси 4% шанса да ја погоди Месечината. Тоа значи дека има повеќе од 96% шанса да ја промаши, но ако ја погоди – тоа навистина би било спектакуларно!“, додаде тој.

Во април веројатноста за удар во Месечината беше 3,8%, но по новите набљудувања со телескопот JWT и анализата на Центарот за проучување на објекти блиски до Земјата (CNEOS) на НАСА во Лабораторијата за млазен погон (JPL) во Јужна Калифорнија, НАСА ја ажурираше проценката и сега наведува дека шансата астероидот да ја погоди Месечината на 22 декември 2032 година е околу 4,3%.

430 пати помоќен од нуклеарната бомба фрлена на Хирошима

НАСА истакнува дека ударот на астероидот не би ја променил орбитата на Месечината. Меѓутоа, ново истражување предводено од Пол Вигерт, професор по физика на Универзитетот Вестерн Онтарио, проценува дека при ударот би се ослободила енергија еквивалентна на 6,5 мегатони ТНТ и дека би се создал кратер со дијаметар од околу 1 километар.

За споредба, нуклеарната бомба што експлодираше во Хирошима во 1945 година имаше сила од околу 15 килотони TNT, што значи дека ударот на 2024 YR4 во Месечината би ослободил 430 пати повеќе енергија.

Удар каков што се случува еднаш на 5000 години

Ударот на овој астероид во Земјата би бил застрашувачко сценарио. Сепак, новата научна работа сугерира дека ударот во Месечината би можело да биде спектакуларен настан каков што се случува еднаш на 5.000 години, бидејќи кон Земјата би можеле да бидат исфрлени огромни количини материјал.

Ричард Мојсл, раководител на Канцеларијата за планетарна одбрана на Европската вселенска агенција (ESA), рече дека тоа би било видливо од Земјата и дека би можеле да добиеме нови месечеви метеорити.

„Резултатот дефинитивно би бил нов видлив кратер на Месечината!“, додаде тој.

„Ако 2024 YR4 ја погоди Месечината во 2032 година, тоа – статистички гледано – ќе биде најголемиот удар во последните околу 5.000 години“, наведуваат авторите во новата научна работа. „Проценуваме дека со таков удар би можеле да се ослободат до 10⁸ килограми месечев материјал кој би ја надминал брзината потребна за бегство од Месечината.“

Брзината потребна за бегство од Месечината – т.н. брзина на ослободување – изнесува околу 8.640 км/час. Тоа е минималната брзина што објектот мора да ја има за да ја напушти месечевата гравитација без дополнителен погон.

Просечната брзина на куршум испукан од пиштол се движи околу 1080 км/час, додека куршумите од јуришни пушки можат да достигнат повеќе од 3240 км/час.

Научниците во новата студија направиле симулација на распрснување на месечевиот материјал за различни варијанти (клонови) на ударот.

Не е веројатно дека некој од можните фрагменти по ударот би претставувал опасност за луѓето на површината на Земјата. Но, би можеле да бидеме сведоци на „спектакуларен“ метеорски дожд кога бегалите камени фрагменти би изгореле во земјината атмосфера, а таквиот призор би можел да трае неколку дена и да биде видлив за луѓето ширум светот, објаснува Вигерт.

Сериозна закана за сателитите во орбитата околу Земјата

Иако е речиси сигурно дека луѓето нема да бидат загрозени од можниот лунарен метеорски дожд, вселенската инфраструктура во орбитата околу Земјата би можела да биде во сериозна опасност. Количината на фрагменти што потенцијално би можеле да се приближат до Земјата ја зголемува веројатноста сателитите да бидат погодени од некој метеорит дури илјада пати. Притоа треба да се има предвид дека до 2032 година бројот на летала во орбитата околу Земјата значително ќе се зголеми.

„Камен со големина од сантиметар што патува со брзина од десетина илјади метри во секунда е прилично сличен на куршум“, рече Вигерт. „Таков објект без проблем би можел да уништи сателит или сериозно да ја оштети вселенската станица во која престојуваат луѓе, како кинеската станица Тјангунг“, додаде тој. Треба да се напомене дека Тјангунг е вселенска станица која се планира да се повлече од употреба до 2030 година.

Планови за отклонување на астероидот

Ако веројатноста за удар во Месечината се зголеми во следните години, владините агенции би можеле да одлучат да се обидат да ја променат неговата патека за да ги заштитат вселенските ресурси околу Земјата.

Астероидот би бил „добар кандидат“ за тестирање на нашите способности за планетарна одбрана, рече Вигерт. „Сигурен сум дека тоа ќе биде разгледано“, додаде тој.

НАСА веќе покажа дека може да пренасочи опасни астероиди во 2022 година, кога леталото DART намерно удри во астероидот Диморфос и ја промени неговата патека. 2024 YR4 е отприлика двојно помал од таа вселенска карпа.

Но, Вигерт предупреди дека ако се чека предолго, може да стане опасно да се обидува да се менува патеката на астероидот, бидејќи еден погрешен потег може да доведе до катастрофален судир со Земјата.

Некои експерти изразуваат загриженост дека кратењето на буџетот на НАСА, предложено од администрацијата на Доналд Трамп, може да го отежне следењето на опасни астероиди како 2024 YR4 во иднина.

реклама

Најубавиот турски ручек според ресторански рецепт

Read more

Кои апарати во домот ќе ве чинат поскапо ако ги исклучите од струја?

Read more

Колку ќе ослабете ако се откажете од јадење леб?

Read more

Како да спречите оштетување на бојата на автомобилот од птичји измет?

Read more

Наука

Откриен тектонски фрагмент што може да предизвика земјотреси до 9 степени во еден дел од светот

Read more

Најголемиот истражувачки авион на НАСА може да носи 34 тони научна опрема на височина од 13.000 метри

Read more

Нов тест на крвта открива Алцхајмерова болест со точност до 97%

Read more

Епохално откритие: Проблемот со доломитот конечно решен по 200 години

Read more
 

Гик

Неандерталците користеле заби од носорог како чекани за да изработуваат камени алатки

Читај повеќе

Бришете ги веднаш: Android апликации кои „вријат“ од вируси

Читај повеќе

Тинејџерка измислила филтер кој отстранува 96% од микропластиката од водата за пиење

Читај повеќе

Дали Google тајно ви има инсталирано фајл од 4GB на вашиот компјутер?

Читај повеќе

Кинезите направија роботски мајстор кој ќе користи алати на Месечината

Читај повеќе

Apple се свртува кон Samsung?

Читај повеќе

Војна на ѕвездите 2026: Што значат руските сателити над нашите глави?

Читај повеќе

Вештачката интелигенција почна да го копира својот код без човечка дозвола

Читај повеќе

Енергетската криза ја зголеми продажбата на топлински пумпи: Зошто се добри и каде можат да се користат?

Читај повеќе