Snap Inc., сопственикот на платформата за социјални медиуми Snapchat, денеска соопшти дека отпушта околу 16 проценти од својата глобална работна сила, што значи дека околу 1.000 вработени ќе ги изгубат своите работни места во најновата рунда отпуштања.
Во поднесокот стои дека цената на намалувањата, вклучувајќи ги отпремнините и поврзаните трошоци, ќе биде помеѓу 95 и 130 милиони долари.
„Намалувањата на бројот на вработени се дизајнирани за дополнително поедноставување на нашиот бизнис и пренасочување на ресурсите кон нашите иницијативи со највисок приоритет, искористувајќи ја зголемената оперативна ефикасност за да го забрзаме нашиот пат кон профитабилност на нето основа“, соопшти компанијата во поднесокот.
Snap имаше 5.261 вработени со полно работно време на 31 декември 2025 година, според најновиот годишен извештај на компанијата.
Извршниот директор Еван Шпигел изјави во писмо до вработените дека дополнително отворените 300 позиции нема да бидат пополнети.
Ова не е прв пат компанијата со седиште во Санта Моника, Калифорнија, да ја намали својата работна сила. Во 2024 година, Snap отпушти 10 проценти од својата работна сила, или околу 530 вработени.
Компанијата ја намали својата работна сила за 3 проценти кон крајот на 2023 година, а во 2022 година намали 20 проценти од својата работна сила.
Snapchat, платформа што е особено популарна меѓу помладите луѓе и е позната по фотографиите и видеата што исчезнуваат, има просечно 474 милиони дневни активни корисници, според годишниот извештај.
Snap во својот последен финансиски извештај вели дека нејзината нето загуба во 2025 година се намалила на 460 милиони долари, додека приходите се зголемиле на 5,9 милијарди долари.