Киргистан го забрани пристапот до порнографија на интернет и воведе државна контрола врз интернет сообраќајот.
Според новите закони што неодамна ги потпиша претседателот Садир Жапаров, забраната за порнографија е донесена за „заштита на моралните и етичките вредности“ во Киргистан, , планинска централноазиска земја со седум милиони жители со муслиманско мнозинство, што стекна независност од Советскиот Сојуз во 1991 година.
Законот бара од давателите на интернет услуги да блокираат веб-страници врз основа на одлуки на Министерството за култура, а прекршителите ќе се соочат со казни, објави Reuters.
Исто така, Жапаров потпиша декрет со кој се воведува државен монопол врз меѓународниот интернет сообраќај. Според декретот, државната телекомуникациска компанија ElCat ќе стане единствен давател на меѓународен интернет сообраќај во Киргистан за време на едногодишен пробен период, почнувајќи од 15 август.
Сите други киргистански телекомуникациски оператори ќе бидат обврзани да ги префрлат своите меѓународни договори за пропусен опсег на ElCat во рок од два месеци.
Емил Жураев, политички аналитичар од Бишкек, за Reuters изјави дека „оваа одлука само придонесува за растечката улога на државата на сметка на слободата на пазарот во Киргистан“.
Овој потег доаѓа пред парламентарните избори закажани за 2026 година и претседателските избори во 2027 година. Жапаров, чии сојузници доминираат во законодавниот дом, навести дека повторно ќе се кандидира.